свет

Кениските активисти одржаа бдеење за жртвите во изборните протести во Танзанија

Учесниците на церемонијата носеа знамиња и транспаренти и палеа свеќи во спомен на жртвите

Aida Cako  | 21.11.2025 - Обновена : 21.11.2025
 Кениските активисти одржаа бдеење за жртвите во изборните протести во Танзанија

НАЈРОБИ (АА) - Во главниот град на Кенија, Најроби, денес се собраа активисти за да одржат комеморација во чест на загинатите во постизборните протести што избувнаа во Танзанија, јавува Анадолу.

Учесниците на церемонијата носеа знамиња и транспаренти и палеа свеќи во спомен на жртвите.

Протестите започнаа на 30 октомври во Дар ес-Салам и брзо се проширија низ целата земја откако опозициските партии ги оспорија резултатите од општите избори, тврдејќи дека изборниот процес не бил „фер и транспарентен“.

Судирите меѓу безбедносните сили и демонстрантите доведоа до широко распространети немири. Владата воведе полициски час и ја мобилизираше армијата за повторно воспоставување контрола, а демонстрантите запалија возила, бензинска пумпа и полициски станици. Интернет пристапот во земјата беше ограничен.

Насилството следуваше по општите избори одржани на 29 октомври, на кои актуелната претседателка Самија Сулуху Хасан обезбеди победа со 97,66% од гласовите. Таа ја презеде функцијата во 2021 година по смртта на претходниот претседател.

Главниот опозициски лидер, Тунду Лису од Партијата за демократија и прогрес (CHADEMA), не можеше да учествува на изборите бидејќи се наоѓаше в затвор по обвиненија за велепредавство. Дополнително, Изборната комисија ја одби кандидатурата на Лухага Мпина од втората најголема опозициска партија Алијанса за промени и транспарентност (ACT-Wazalendo).

Танзанија е управувана од иста владејачка партија – Револуционерна партија (CCM) – уште од стекнувањето независност од Обединетото Кралство во 1961 година, одбележувајќи 64 години на власт.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.