Haydar Hadi
26 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
БАГДАД (АА) - Ирачкиот премиер Хајдар ал Абади изјави дека неговата влада ќе ги зајакне мерките против официјалните лица кои се одговорни за одржувањето на спорниот референдум во Регионалната курдска управа во северниот дел на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Абади ја посети Командата за заеднички акции во Багдад, а во таа пригода се осврна на неуставниот референдум во северниот дел на Ирак, кој се одржа вчера, на 25 септември.
„Одржувањето на референдумот беше голем ризик. Одржан е и покрај одлуката на Федералниот суд. Референдумот е неуставен и нема да ги признаеме резултатите“, изјави Абади.
Тој додаде дека спорниот референдум е одржан без каква било меѓународна поддршка.
„Она што исто така е интересно е тоа што за време на референдумот не биле ангажирани набљудувачи. Оние што ја донесоа одлуката за референдумот, сами ги објавија и резултатите. Ние нема да зборуваме за тие резултати, нема за нив да дискутираме, ниту да ги признаеме“, истакна Абади.
Ирачкиот премиер, исто така, изјави дека централната Влада ќе направи нови чекори кога е во прашање неуставниот референдум.
„За жал, референдумот побуди чувства кои имаат свои секташки и етнички темели. И покрај тоа, ние нема да се откажеме од безбедноста на нашите курдски жители, а одговорните за овој референдум ќе положат сметка. Ќе ги зајакнеме нашите мерки кон нив“, изјави Абади, и додаде дека централната Влада ги користи сите свои федерални овластувања за да ја воспостави безбедноста на граѓаните во Регионалната курдска управа на северниот дел од Ирак.
Претседателот на Курдската регионална управа на северниот дел од Ирак, Месуд Барзани, на 7 јуни соопшти дека на 25 септември ќе биде одржан референдум што ќе го опфати Киркук и другите спорни региони.
САД, Турција, Велика Британија, Иран и централната ирачка Влада го повикаа Ербил да се откаже од неуставниот референдум, но тој сепак се одржа.
Турција вчера соопшти дека резултатите од курдскиот референдум ќе ги смета за нелегални, а ирачката централна Влада се закани дека воено ќе интервенира доколку референдумот води кон насилство.
Месуд Барзани, лидерот на Курдската регионална управа, изјави дека референдумот нема да доведе до автоматско прогласување независност, туку ќе води кон понатамошни преговори со Багдад.