Seda Sevencan
25 Декември 2021•Ажурирај: 26 Декември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмоќниот вселенски телескоп во светот денес е успешно лансиран од Земјата, означувајќи го почетокот на храбрата мисија за истражување на првите ѕвезди и какви било знаци на живот во универзумот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во 7:20 часот утрово по источно време (1220 GMT), вселенскиот телескоп на НАСА „Џејмс Веб“ беше лансиран со европската ракета „Аријан“ од Француска Гвајана на североисточниот крај на Јужна Америка.
Преку објава на Твитер, НАСА соопшти дека мисијата навестува „нова, возбудлива декада на науката“ што „ќе го промени нашето досегашно поимање на вселената“.
Опсерваторијата вредна 10 милијарди долари е именувана по Џејмс Веб, кој беше на челото на НАСА во раните 1960-ти кога САД првпат се фокусираа кон испраќање луѓе на Месечината.
„Неговата револуционерна технологија му дава можност да ја истражува секоја фаза од историјата на космосот 'од нашиот Сончев Систем до најоддалечените можни за набљудување галаксии во раниот универзум и сè помеѓу'“, се истакнува од НАСА.
Мисијата на „Веб“, кој се смета за наследник на застарениот вселенски телескоп „Хабл“, е во партнерство со Европската вселенска агенција (ESA) и Канадската вселенска агенција.