Nilay Kar
15 Септември 2017•Ажурирај: 16 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим денес гo повтори повикот на Турција за откажување на референдумот за независност на Регионалната курдска управа на северниот дел од Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние како Турција, упатуваме пријателски апел до Месут Барзани“, истакна Јилдирим пред новинарите во турскиот главен град Анкара, барајќи од претседателот на Регионалната курдска управа, Барзани, да ја смени неговата погрешна позиција.
Изјавите на премиерот Јилдирим следуваат еден ден откако Барзани истакна дека може да земе предвид да биде одложен референдумот предвиден да се одржи на 25 септември.
„Веќе постојат големи проблеми во регионот. Постои една борба против ПКК и ДЕАШ. Постои една граѓанска војна којашто со години трае во Сирија. Создавањето на еден нов проблем, додека сите овие се во тек, би било особено штетно, пред сѐ за нашите курдски браќа кои живеат таму. Ова би претставувала најголема неправда“, додаде Јилдирим.
На необврзувачкиот референдум, жителите на курдскиот регион во северниот дел од Ирак ќе гласаат за или против прогласување формална независност од Багдад.
Багдад го одбива планираниот референдум, истакнувајќи дека ова негативно ќе влијае на борбата против терористичката организација ДЕАШ, која сѐ уште е значително присутна во северен Ирак.
Ирачката Влада, исто така, верува дека со одржувањето на референдумот ќе се прекрши уставот на земјата.
Исто така, Турција го одбива референдумот, нагласувајќи дека стабилноста на регионот зависи од целовитоста на Ирак и од зачувувањето на неговиот територијален интегритет.
Одлуката за одржување на референдумот на 25 септември беше соопштена од страна на Месут Барзани, по еден состанок одржан со политичките партии на 7 јуни.