Ekipa
08 Август 2016•Ажурирај: 10 Август 2016
КУЕТА (АА) - Според полициски и болнички извори, бројот на жртвите во нападот на бомбаш-самоубиец во државната болница во Куета, пoкраината Белуџистан во југозападниот дел на Пакистан, се искачи на 63, а десетици се повредени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Експлозијата се случила кратко време откако во државната болница е префрлено телото на познатиот пакистански адвокат кој вчера бил застрелан на пат кон судот, изјави официјалниот претставник на полицијата Захур Ахмед Африди, кој нагласи дека веројатно двата настана се поврзани.
Анвар Ул-Хак, портпаролот на Владата на покраината Белуџистан, за новинарите изјави дека поголемиот дел од убиените и повредените се адвокати, а пакистанските медиуми известуваат дека меѓу жртвите има и сниматели.
Абдул Рехман, директорот на градската болница потврди дека во нападот загинале 63 лица и додаде дека во болницата се транспортирани 92 повредени.
Сведоци за АА изјавија дека бомбата експлодирала во време кога буквално стотици правници и новинари се собрале на влезот на зградата за итни случаи, во кругот на болницата, за да изразат жалење поради смртта на еден истакнат судија, познат по неговата кампања за унапредување на адвокатската заедница во регионот.
Главниот министер на покраината Белуџистан, Санула Зери објави дека е можно експлозијата да ја предизвикал бомбаш-самоубиец и додаде дека истрагата е во тек и дека никој не ја презел одговорноста за нападот.
Сарфраз Бугти, покраинскиот министер за внатрешни работи, го осуди нападот како акт на тероризам.
Пакистанскиот премиер Наваз Шариф го нарече нападот кукавички чин и вети дека неговата влада и безбедносните сили ќе продолжат со напорите да ги поразат милитантите во земјата.