Dildar Baykan
14 Септември 2017•Ажурирај: 15 Септември 2017
АНКАРА (АА) - ДИЛДАР БАЈКАН - Околу 77 отсто од муслиманите во Аракан (Ракајн), Мјанмар, од 1970-тите години пребегале во земјите од регионот поради тиранијата и систематскиот притисок врз нив.
Во официјалните документи на Мјанмар, араканските муслимани кои се сметаат за бегалци од Бангладеш се нарекуваат Бенгалци.
Со усвојувањето на законот во 1982 година, муслиманите од Аракан ги загубија своите права и останаа „без држава“. Обединетите нации (ОН) ги сметаат за едно од „најзагрозените национални малцинства“ и се жртви како на напади, така и на правна, економска и социјална дискриминација.

Во земја каде што официјално се признати 135 етнички групи, радикалните националистички будисти се противат на официјалното признавање на муслиманите од Аракан.
Судирите во Аракан коишто се случија во 2012 година меѓу будистите и муслиманите, го привлекоа вниманието на светот. Во овие судири беа убиени илјадници луѓе, главно муслимани, и запалени стотици станбени и деловни објекти, јавува Anadolu Agency (AA).
По нападите на араканските муслимани на неколку контролни точки во октомври минатата година, војската на Мјанмар против нив покрена операции во кои дојде до примена на насилство и кршење на човековите права.
- Бегство од Мјанмар -
Поради притосокот, араканските муслимани веќе долга низа години бегаат во земјите од регинот, за кои веруваат дека ќе им пружат засолниште.
Според проценките, врз основа на податоците од Mеѓународната организација за миграции и изјавите на официјалните лица, од 1970-тите години до почетокот на 2017 година околу 1,1 милион аракански муслимани се присилени да ја напуштат својата територија.
Во тој период, по легален или илегален пат околу 400.000 луѓе побегнаа во Бангладеш, над 300.000 во Пакистан, 300.000 во Саудиска Арабија, 55.000 во други држави од Персискиот Залив, над 100.000 лица во земјите од азиско-пацифичкиот регион, првенствено во Малезија, а 10.000 во Индија.
Според извештајот на Европската дирекција за заштита на цивилите и хуманитарната помош при Европската комисија, во почетокот на 2017 година во Аракан, според претпоставките, живееле околу 800.000 муслимани.
Преломна точка за араканските муслимани беше 25 август 2017 година.
Нападите на пунктовите на границата во Аракан беа само повод за насилство на војската на Мјанмар и будистичките националисти.
Вкупниот број на аракански муслимани кои пребегаа во Бангладеш од 1970 година досега достигна 770.000 лица.
По последните миграции во Бангладеш, се претпоставува дека 1,5 милиони муслимани од Аракан се наоѓаат во земјите од регионот, а околу 430.000 сѐ уште се наоѓаат во Аракан.
Според овие податоци, од 1970-тите години, 77 отсто од 1,9 милиони аракански муслимани го напуштиле Мјанмар. Податоците покажуваат дека овие муслимани се соочуваат со етничко чистење.