Ekipa
14 Септември 2017•Ажурирај: 15 Септември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Парламентарците на ЕУ денес побараа од безбедносните сили во Мјанмар да го запрат насилството над муслиманите од Аракан, додека и понатаму, илјадници припадници на муслиманското малцинство ја напуштаат земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Парламентарците на ЕУ ја усвоија резолуцијата со којашто Мјанмар се повикува веднаш да го прекине убивањето, вознемирувањето и силувањето на Рохинџа муслиманите и уништувањето на нивните домови.
Исто така, повикаа на хуманитарните организации веднаш да им се овозможи пристап во областа на судирите и до лицата кои се во бегство.
Парламентарците ја повикаа Владата на Мјанмар и лидерката Аунг Сан Су Чи на борба против социјалната дискриминација и непријателство и недвосмислено да го осудат секое поттикнување на расна или верска омраза.
Тие потсетија дека Су Чи во 1990 година ја добила наградата „Сахаров“ за слобода на мислата, која Европскиот парламент ја доделува на поединци или на организации кои го посветиле својот живот на борбата за човековите права и слободи.
Според податоците на ОН, од 25 август, поради насилствата во Мјанмар, во соседен Бангладеш побегнаа речиси 400.000 Рохинџа муслимани, меѓу кои 220.000 се деца.
Рохинџа муслиманите веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а веќе неколку недели се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатите неколку дена уништи најмалку 60 муслимански села, принудувајќи десетици илјади граѓани да бегаат кон соседен Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизен биланс на настраданите во нападите врз муслиманските населби. Локалните невладини организации јавуваат дека станува збор за илјадници убиени лица.