Ekipa
14 Септември 2017•Ажурирај: 15 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Турција успеа да развие цврста правна рамка за справување со сириската криза, изјави денес официјален претставник на Високиот комесаријат за бегалци на ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
Паоло А. Артини, заменик-претставник на агенцијата во Анкара, го изјави ова на почетокот од проектот „Зајакнување на турскиот национален систем за азил“ во главниот град.
Кофинансиран од ЕУ и од Турција, проектот го спроведува Високиот комесаријат за бегалци на ОН. Тој ќе биде од корист за Директоратот за управување со миграции на турското Министерство за внатрешни работи.
Артини изрази почит за Турскиот закон за странци и меѓународна заштита, кој ги штити правата на сите бегалци и баратели на азил.
Тој изјави дека проектот ќе го зајакне капацитетот на Директоратот за управување со миграции на Министерството за внатрешни работи.
Главна цел на проектот е да се воспостават посилни механизми за обезбедување квалитет за националната процедура за азил.
Артини додаде дека проектот, исто така, има за цел да им овозможи на бегалците достоинствен живот и да развијат политики за нивната интеграција во турското општество.
Исто така, Габриел Мунуера-Виналс, заменик-шеф на делегацијата на ЕУ во Турција, истакна: „Партнерството меѓу Турција и ЕУ е засновано на доверба и почитување на професионализмот“.
„Ние (ЕУ), заедно со Турција веќе направивме огромен напредок, достигнувајќи во изминатите три години повеќе од она што беше возможно во изминатите 20 години“, додаде тој.
„Она што Турција го прави со сириските бегалци е апсолутно извонредно и фантастично. За ЕУ е чест да продолжи со блиската соработка со Турција, со нејзините власти и нејзините групи на граѓанското општество – кои ги задоволуваат потребите на сириските бегалци“, рече тој.
Еда Шенчолаклар, висок претставник на Директоратот за миграција при Министерството за внатрешни работи на Турција, рече дека проектот има за цел да развие долгорочни политики за интеграција на барателите на азил.
„Турција ги потврдува важните квалификации за да стане целна земја во регионот, не само поради нeјзината геополитичка положба и социјално-културната структура, туку и поради неодамнешниот развој на настаните“, додаде Шенчолаклар.
Турција е домаќин на голем број сириски бегалци, повеќе од која било друга земја во светот. Земјата потроши над 20 милијарди евра од своите национални ресурси за помагање и засолнување на бегалците од почетокот на граѓанската војна во Сирија.