Onur Usta
12 Април 2016•Ажурирај: 13 Април 2016
СТРАЗБУР (АА) - Шефот на турската владина Управа за верски работи, Мехмет Гормез, предупреди дека „болеста на исламофобијата” ги исклучува муслиманите од општеството во земјите на Западот и ги повика политичарите од Западот да не го користат антиисламскиот пристап и реторика кои водат кон ексклузивност, отуѓување и дискриминација во заедницата, јавува Anadolu Agency (AA).
Гормез престојува во посета на францускиот Стразбур во кој ќе присуствува на почетокот на манифестацијата „Седмица на среќното раѓање” посветена на раѓањето на пратеникот Мухамед, а во таа пригода во интервју за АА говореше за актуелните проблеми со кои се соочуваат муслиманите и светот во целина.
„Исламофобијата е болест која ги исклучува муслиманите од заедницата во земјите од Западот. Секоја фобија е болест и треба да се лечи. Мораме сите да го направиме својот дел од работата со цел да ја спречиме дискриминацијата во општеството која ја произведува исламофобијата”, рече Гормез.
Нагласувајќи дека е неприфатливо тоа што исламофобијата почна да служи како индустрија за присобирање политички поени, Гормез рече дека најголемиот проблем претставува ситуацијата доколку една политичка партија може да собира престиж и гласови преку исламофобична реторика на омраза.
Гормез рече дека е „злосторство против човештвото” одговорноста за насилството и убиствата кои се случуваат некаде на друго место им се припипшуваат на муслиманите кои живеат во земјите од Западот.
„Насилствата и убиствата кои се случуваат во кризните региони се плод на пошироки причинители. Сите сме свесни дека во темелите на тој неред лежат колонијализмот, окупацијата и војните. Колкаво и да е злосторството тие убиства и насилства да се претставуваат како нешто што произлегло од исламот, толкаво е злосторството да се припише таа одговорност за тие убивања врз муслманите кои живеат во земјите на Западот и тоа само затоа што се муслимани”, рече Гормез.
Гормез ги повика и сите муслимани да работат на вклучување и адаптација во општеството и со исконските вредности на човештвото и верата да му се спротивстават на злото кое ја користи како извор омразата кон нив. Додаде дека муслиманската младина има потреба од силен образовен систем со цел да го сочува својот идентитет во време кога војните, насилството и тероризмот за последица ја имаат појавата на исламофобијата.
Истакнувајќи дека идеологиите и појавите произлегоа од хаосот во земјите како Ирак, Сирија и Авганистан немаат врска со исламот, Гормез рече дека најголем дел од тие идеологии и сфаќања се погрешни.
„Тие идеологии и сфаќања се далеку од исламот и неговата традиција која ја градеше цивилизацијата. Тие сфаќања се далеку од сфаќањата кои ја изградија Андалузија на темелите на правото, моралот и соживотот”, рече Гормез.
На крајот на разговорот Гормез изрази уверување дека сите дискусии и проблеми на Европа кога е во прашање религијата може да се надминат со исправното сфаќање на соживотот, мултикултурализмот и човекољубието коешто беше карактеристично за Османлиското царство.