СКОПЈЕ (АА) - Во Македонија постои дискриминација врз основа на религијата, вклучувајќи и исламофобија која постои заедно со поделбата на македонското општество по етнички и политички линии во годината што беше одбележана со политичка криза. Сепак, исламофобијата често не е препознаена кога се прекрива со други подоминантни форми на дискриминација, се наведува во извршното резиме во Националниот извештај за исламофобија во Македонија во 2015 година, од авторот Митре Георгиев, борец за човекови права, адвокат и истражувач.
„Македонија во Уставот е дефинирана како секуларна држава. Сепак, религијата зазема важно место во општествениот и политичкиот живот. Во Македонија постои дискриминација врз основа на религијата, вклучувајќи и исламофобија која постои заедно со поделбата на македонското општество по етнички и политички линии во годината што беше одбележана со политичка криза. Сепак, исламофобијата често не е препознаена кога се прекрива со други подоминантни форми на дискриминација", пишува во извршното резиме, каде се наведува и дека бегалската криза во изминатата година покажа дека исламофобијата не е поврзана само со етничките малцинства, туку и со ксенофобијата.
„Освен интерсекторскиот карактер, во сложеноста на анализата на исламофобијата во Македонија влијае и недостигот на информации, како и недоволното пријавување на ваквите случаи".
- Глобални настани кои имаа важно влијание на дискурсот и појавата на исламофобијата во Македонија -
Нападите на Шарли Ебдо во Париз, дебатата за „странски борци“, бегалската криза и нападите во Париз на 13-ти ноември се глобалните настани кои имаа важно влијание на дискурсот и појавата на исламофобијата во Македонија.
„Глобални настани кои имаа важно влијание на дискурсот и појавата на исламофобијата во Македонија беа нападите на Шарли Ебдо во Париз, присуството и дебатата за „странски борци“, бегалската криза (која влијаеше врз Македонија и на национално ниво, која како дел од Балканската рута голем дел од бегалците на патот кон земјите на ЕУ поминуваа низ неа) и нападите во Париз на 13-ти ноември. Исламофобијата може да биде дел од сите сегменти на општеството, но потешко е да се забележи во областа на вработувањето, образованието и правото. Повеќе простор за мониторинг на исламофобијата постои во областа на политиката, медиумите и социјалните мрежи каде секое отворено исламофобично тврдење треба да се осуди. Дискурсите што содржат исламофобични елементи треба да се препознаат, деконструираат и дискутираат на јавна, умерена и информирана дебата", се бележи во Извештајот.
Авторот на Извештајот, Георгиев, наведува дека со цел да се разбере исламофобијата во Македонија треба да се разгледа демографската структура и политичката ситуација. Дискриминацијата поради верата, поконкретно дискриминацијата кон муслиманите, според Извештајот, во македонски контекст е испреплетена со други причини за дискриминација, како што се етничката припадност, државјанството, политичкото мислење, јазикот или класата.
„Сепак, исламофобијата во овој Извештај се дефинира во поширока смисла, не е само како дискриминација кон муслиманите, туку подразбира и појава на страв или предрасуди кон муслиманите, без оглед дали тие се нереални. Покрај поврзаноста на повеќе сектори, недостигот на релевантни информации, како и непријавувањето на случаите е дополнителен фактор кој ја зголемува сложеноста на известувањето за исламофобијата во Македонија. Иако непријавувањето на случаите е поуниверзален проблем, недостигот на информации во македонски контекст е поврзано со сериозното нефункционирање на државните институции, ова е прашање кое мора да биде земено в предвид", стои во Извештајот.
Порелевантните статистики во врска со демографската структура во Македонија се застарени, бидејќи потекнуваат од пописот во 2002 година.
Податоците од пописот во 2002 година покажуваат дека 64,7% од населението се православни христијани, а 33,3% се идентификуваат како муслимани. Вкупното население во пописот е 2.022.547 жители, а Државниот завод за статистика оценува дека вкупното население во Република Македонија во 2015 година е 2.069.172 граѓани.
Другите религии кои што се застапени во Македонија се католичката и протестантската. Етничката структура е важна со цел да се разбере исламофобијата во Македонија. Повторно, единствените релевантни податоци се од пописот во 2002 година, во кои 64% од граѓаните се идентификувале како Македонци, 25% како Албанци, 3,8% како Турци, 2,6% како Роми, 1,8% како Срби, 0,8% како Бошњаци и 0,1 како муслимани.
Во Извештајот пишува дека меѓусекторскиот карактер на дискриминацијата е определен со факторот што религиозната поделба е во корелација со етничката поделба. Најголем дел од етничките Македонци се православни христијани, додека најголем дел од Албанците се муслимани, исламот, исто така, е вероисповед и на најголемиот дел од Турците, Ромите, Бошњаците и Македонците-муслимани. Меѓу другото, пишува и дека постои корелација помеѓу верата, етничката припадност и етничката поделба, во најголем дел ова коинцидира со линијата која го дели населението според верски основи. Сепак, оваа корелација, станува покомплицирана штом ќе се додаде и политичката припадност, се забелешува во Националниот извештај за исламофобијата во Македонија за 2015 година.
- Дискриминација на пазарот на трудот: Процентот на другите малцинства во јавните институции сé уште не е ниту еднаков, ниту адекватен -
Според Извештајот поединечно тешко може да се зборува за дискриминација на пазарот на трудот врз основа на муслимански идентитет, поради тоа што, меѓу другото ваквите случаи не се пријавуваат доволно.
„Тешко може да се зборува за дискриминација на пазарот на трудот врз основа на претпоставен муслимански идентитет кај поединецот, главно поради поврзаноста на овој сектор со други сектори, но исто така поради фактот што ваквите случаи не се пријавуваат доволно. Истражувањето на ОБСЕ од 2013 година за дискриминацијата во огласите за работа воопшто не ја зема предвид религијата како основа за дискриминација, а ова може да се објасни со едноставниот факт што лесно може да се скрие дискриминацијата врз верска основа во пишаните огласи за работа".
Согласно обврските од Охридскиот рамковен договор, Народниот правобранител на РМ ја следи правичната застапеност на различни етнички малцинства во јавните органи. Во Извештајот на Народниот правобранител за 2014 година се забележува дека има зголемување и во апсолутната бројка на вработени во државните органи и институции, како и во процентот на застапеност на Албанците. Сепак, нема подобрување во бројот на Албанци кои се вработени на раководни функции, и процентот на другите етнички малцинства во јавните институции сé уште не е ниту еднаков, ниту адекватен.
Во преписката направена при подготовката на овој извештај, од канцеларијата на Народниот правобранител известија дека немаат добиено поплаки за верска дискриминација во образованието. Прашањето што беше релевантно во 2015 година е признавањето на верските средни училишта, или попрецизно, нивното вклучување во националниот образовен систем. Решението беше да им се дозволи на сите кои завршуваат верски средни училишта да се запишуваат на државните универзитети.
- Улогата на медиумите -
Медиумите имаат многу моќна улога како средство за промовирање или за сузбивање на исламофобијата, стои во Извештајот каде се додава:
„Во Македонија, државата и политичарите имаат големо влијание врз медиумите, ова, заедно со други фактори, води до влошување на професионалните и на медиумските стандарди. Медиумите честопати не известуваат критички за говорот на омраза од страна на политички истакнати личности и сопственици на медиуми. При известувањето за бегалската криза во македонските медиуми исламофобијата се потиснуваше повеќе како исклучок, отколку како правило. Кога се известува за бегалците редовно се предизвикуваше страв, ксенофобија и исламобофија. Исто така, медиумите известуваа за прашања кои не се главни ниту релевантни и кои создаваа страв. Предрасудите кон бегалците претставуваат нова форма на исламофобија во Македонија. Главните медиуми известуваа за помалку релевантни прашања, исто така има многу сериозни проблеми со новинарските стандарди"
- Говор на омраза во интернет просторот -
Интернет просторот на македонски јазик е простор каде се среќава говор на омраза и предрасуди и каде има злоупотреба на слободата на говорот, се забележува во Извештајот, при што се наведува дека во дискриминаторскиот говор можат да се најдат различни исламофобични коментари и изјави.
„На интернет форумите, честопати има дискусии за исламот, постојат некои добри практики во кои модераторите внимаваат дискусијата да не прерасне во отворено навредување и повикување на насилство и омраза. Исламофобијата и албанофобијата се испреплетени. Честопати кога се зборува за Албанците/муслимани, се користат специфични термини против муслиманите како што се „сечен“ (обрежан) или „забулена“ (жена што носи хиџаб или бурка). Поради достапноста и читаноста од многумина, многу е важно да се евидентираат страниците на Фејсбук кои имаат отворено исламофобична содржина".
- Препораки за надминување на исламофобијата -
Во Националниот извештај за исламофобијата во Македонија за 2015 година се даваат и препораки и политики за надмиување на проблемот со истата.
„Исламофобијата честопати се јавува во Македонија во корелација со други форми на дискриминација и предрасуди. Иако ова предизвикува исламофобијата да биде занемарена или честопати да не се забележува, важно е таа да се анализира како дел од силните етнички и политички тензии за да се спречи идна ескалација. Многу е важно политичарите да се воздржат од говор на омраза и исламофобија и да не го користат при изборните кампањи, но подеднакво е важно дури и поважно да се осуди таквиот јавен дискурс. Исто така, битно е да се дискутираат и настаните и прашањата кои може да влијаат на развој на исламофобијата, како што се бегалците, тероризмот или безбедноста. Многу е важно таквата дискусија да се заснова на информации и да биде умерена. Слично како и со одредбите во Охридскиот рамковен договор, кои се усвоија за да се обезбеди еднаква застапеност и други слични законски решенија, донесувањето на законите не е доволно за да се решат тензиите и дискриминацијата. Исто така се препорачува да се работи на намалување на можните исламофобични чувства или појави. Доколку тоа не се стори „тогаш тие ќе можат да се искористат од страна на опортунистичките политичари. Зголемувањето на демократските капацитети и градењето доверба помеѓу различните засегнати страни, почнувајќи од институциите, политичарите, граѓанското општество и претставниците на различните религии може да биде главна алатка во борбата против исламофобијата".
Европскиот извештај за исламофобијата (ЕИР) е годишен извештај, кој за прв пат се изработува оваа година, a се однесува на 2015 година. Во моментов преставува збирка на 25 национални извештаи за секоја држава и содржи приказ на развојот на исламофобијата во секоја држава. ЕИР кој го објави СЕТА - Фондација за политички, општесвени и економски истражувања.
news_share_descriptionsubscription_contact


