Vakkas Doğantekin
25 Март 2020•Ажурирај: 25 Март 2020
АНКАРА (АА) - Челниците на Белата куќа и Сенатот утринава постигнаа историски договор за издвојување на пакет со помош од 2 билиони долари за борба против епидемијата на коронавирусот, со што е завршена повеќенеделната жестока дискусија меѓу демократите и републиканците, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Дами и господа, завршивме. Имаме договор“, изјави шефот на Одделот за правни работи во Белата куќа, Ерик Уланд, при излегување од Кабинетот на сенаторот Мич Мекконел.
Сенаторот Чак Шумер изјави дека со договорениот пакет со помош ќе се обезбеди помош на американските семејства, но исто така ќе им помогне на компаниите да ја преживеат пандемијата.
Пакетот вклучува директни уплати на помош за Американците и фонд од половина билион долари за помош на американските корпорации.
Властите на САД наскоро би требало да ги објават и другите детали за пакетите со помош во борбата против пандемијата на коронавирус.
Во САД од коронавирусот се заразени повеќе од 50.000 лица, а од последиците на заразата починаа повеќе од 700. СЗО предупреди дека САД би можеле да станат новиот епицентар на коронавирусот. Сојузната држава Њујорк веќе е прогласена за епицентар.