Ekipa
20 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Белата куќа соопшти дека 51 компанија понудиле 650 милиони долари помош за бегалците во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Корпорациите, вклучувајќи ги „Фејсбук“, „Твитер“, „Мастеркард“, „Џонсон и Џонсон“, „Чобани“ и други се обврзаа дека ќе помогнат во образованието, вработувањето и во финансиските услуги за 6,3 милиони бегалци во 20 земји од светот.
Помошта доаѓа по средбата на американскиот претседател Барак Обама со генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) и со лидерите на Јордан, Мексико, Шведска, Германија, Канада и на Етиопија.
Обама истакна дека очекува конкретна помош во време кога светот е погоден од најголемата миграциска криза по Втората светска војна.
Се верува дека во светот, 65 милиони луѓе ги напуштиле своите домови поради прогон и оружени конфликти, во потрага по азил и подобар живот.
Минатата недела, Белата куќа најави дека САД ќе прими 110.000 бегалци до крајот на 2017 година, што претставува зголемување од 30 отсто во однос на 85.000 бегалци, колку што прими оваа година.
Меѓу тие бегалци, 10.000 се од Сирија.