Erkan Avci
01 Ноември 2016•Ажурирај: 01 Ноември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - На претседателските избори закажани за 8. ноември, кои предизвикуваат голем интерес кај националните, но и кај меѓународните медиуми, истовремено ќе се гласа и за американскиот Конгрес, јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот народ на 8. ноември нема да гласа само за својот нов претседател. Истиот ден ќе се гласа за третина од 100-те места во Сенатот и за 435 места во Претставничкиот дом на САД.
Според последните анкети и проценки, по меѓуизборите во 2014 година, кога Конгресот премина под контрола на републиканците, постои веројатност и во Сенатот и во Претставничкиот дом на САД да преовладаат републиканците, или во најмала рака да настане промена во Сенатот.
- Трка за Сенатот -
На овие избори, 34 членови на Сенатот ќе се обидат да ги сочуваат своите места. Од нив, 24 се републиканци, а десетмина се демократи.
Во Сенатот доминираат републиканците, со 54 места. Демократите со двајцата независни кандидати во коалиција имаат 46 места во Сенатот. Републиканците ќе се обидат да ја задржат критичната бројност. Од друга страна, демократите по две години, повторно ќе имаат можност да стигнат до поголема бројност во Сенатот.
- Изборна трка за Претставничкиот дом на САД -
Бројноста во Претставничкиот дом на САД е во рацете на републиканците, кои имаат 246 од вкупно 435 места во Претставничкиот дом. Демократите имаат 186 места, а три места се празни. Тоа е најголемата бројност на републиканците во Претставничкиот дом во последните 80 години.
За да ја преземат бројноста во американскиот Претставнички дом, демократите треба да преземат најмалку 31 место од републиканците.
Американскиот Конгрес, кој се состои од два дома, има законодавна улога. Покрај предлозите од членовите, ги разгледува и законите што ги предлага претседателот. За меѓународните договори, потребно е одобрување од Сенатот.
Можно е да настанат одредени недоразбирања меѓу Конгресот и Белата куќа. Во такви ситуации, претседателот има право да стави вето на законот што го изгласал Конгресот. Но доколку законот во Конгресот биде изгласан со одредено мнозинство, претседателот нема право на повторно вето.