Admir Fazlagic
25 Март 2020•Ажурирај: 25 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус (Ковид-19) со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во земјата со овој вирус се искачи на 177, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Скопје (20), Куманово (3), Велес (3), Прилеп (2) и Дебар (1).
„Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска изнесува 177 лица од кои 1 излекуван и 2 починати пациенти", се вели во соопштението на Министерството за здравство на Северна Македонија.
Потсетуваме, од 22 март, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата воведен е полициски час од 21 до 05 часот.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот.