Elena Teslova
28 Април 2020•Ажурирај: 28 Април 2020
МОСКВА (АА) - Рекорден број нови случаи на коронавирусот и смртни случаи се пријавени денеска во Русија, со што земјата се најде на осмото место на најтешко погодени земји во светот од пандемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку соопштение, рускиот Тим за одговор при вонредни состојби потврди дека во изминатите 24 часа позитивни на вирусот биле 6.441 лице, со што вкупниот број на заболени се искачи на 93.558.
Билансот на смртни случаи од вирусот порасна на 867, со уште 72 починати во последните 24 часа.
Во пораст е бројот на излекувани, кој се зголеми на вкупно 8.458, сметајќи ги 1.110 лица отпуштени од болниците.
Во одделно соопштение, руското Министерство за здравство го најави почетокот на клиничките испитувања на лек за лекување од новиот коронавирус.
Земјата има спроведено над 3,1 милион тестирања за вирусот, а над 192.000 лица се под медицински надзор заради сомнение за можна заразеност.
Шефицата на Руската санитарна служба, Ана Попова, предложи продолжување на мерките за изолација до 13 мај со цел да се постигне напредок во борбата против Ковид-19.
Попова додаде дека крајот на епидемијата во Русија ќе биде на повидок кога дневниот број на случаи ќе се намали на трицифрен број.
Откако за првпат се појави во Кина изминатиот декември, вирусот се прошири во околу 200 земји и региони во светот.
Досега во светот вирусот е дијагностициран кај над 3,04 милиони луѓе, додека над 211.000 луѓе починаа, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“. Досега од вирусот се излекуваа речиси 895.000 лица.