Beyza Binnur Dönmez
28 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) се заблагодарија на Турција за донацијата од медицински материјали во рамките на соработката за борбата против новиот тип коронавирус во најтешко погодената земја во светот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во текот на кризни времиња, како што се напорите на светот за борба против Ковид-19, тесната координација меѓу истомислениците и партнерите е клучна за креирање брз и ефикасен одговор. Никој од нас не може да го стори тоа сам“, истакна американскиот амбасадор во Турција, Дејвид Сатерфилд, во соопштението.
„Во име на Владата на САД, сакам да му се заблагодарам на нашиот НАТО-сојузник, Турција, за денешната благородна донација на медицински материјали и друга неопходна опрема.“
Сатерфилд нагласи дека донацијата која ја транспортира турскиот воен авион од типот А-400М до Воздухопловната база „Ендрус“ во близина на Вашингтон, ќе треба да пристигне подоцна во текот на денот.
Помошта се состои од маски N95, наметки, штитници за лице и друга опрема.
Американскиот амбасадор истакна дека донацијата ќе им биде распределена на оние на кои им е најпотребна низ САД од страна на Федералната агенција за управување со вонредни состојби.
„Како што покажува и оваа испорака, односот помеѓу САД и Турција е силен и претставува еден од нашите најважни сојузи“, рече амбасадорот. „Со нетрпение очекуваме да ја продолжиме соработката со Турција за овој и за многу други заеднички приоритети.“
Авиони на Турските вооружени сили (ТСК) неодамна доставија медицинска помош од Турција и до Северна Македонија, Шпанија, Италија, Велика Британија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Либија, Сомалија, и други земји.
САД се епицентарот на коронавирусот Ковид-19 во светот и се на врвот по бројот на дијагностицирани случаи на Ковид-19 и по бројот на смртни случаи. Според американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, во земјата има речиси 988.500 заразени и над 56.200 смртни случаи од Ковид-19, додека излекувани се над 111.500 лица.