Sinan Doğan
01 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
БОГОТА
По спроведените истражувања и анализи, бројот на луѓе што го загубија животот од последиците предизвикани од новиот вид коронавирус (Ковид-19) во Перу е ажуриран на 180.764, известува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот доставен до Претседателството од страна на работната група научници, што беа назначени да го утврдат бројот на луѓе што ги загубија своите животи од Ковид-19 во земјата, се наведува дека бројот на смртни случаи како резултат на епидемијата е 3 пати поголем од објавеното.
Во согласност со извештајот, додадени се 111.422 починати, со што бројот на лица што ги загубија животите од последиците предизвикани од заразеност со Ковид-19 во земјата е заведен на 180.764 лица.
Министерот за здравство на Перу, Оскар Угарт, во својата изјава на оваа тема, рече дека некои смртни случаи, кои се илјадници, не се вклучени во опсегот на починати од вирусот и додаде: „Претходно беше регистрирано дека само оние што биле позитивни на тестот починале од Ковид-19.“
На тој начин, Перу по Бразил и Мексико стана 3-та земја со најголем број смртни случаи од Ковид-19 меѓу земјите од Латинска Америка.
Во последното соопштение на Министерството за здравство на Перу се наведува дека бројот на луѓе што починале од последиците на заразеност со Ковид-19 изнесува 69.342, а дека бројката на заразени со вирусот е 1.955.469.
- Нема место во мртовечниците и на гробишта
Се смета дека во Перу бројката на починати како резултат на заразеност со коронавирусот е многу поголема од бројката што ја објави Владата.
Поради зголемениот број на смртни случаи во земјата поради Ковид-19, нема место за мртвите во мртовечниците и на гробиштата.