Ekipa
19 Март 2017•Ажурирај: 20 Март 2017
ЛИМА (АА) - Перу се соочува со најголемите поплави во последните две децении како резултат на интензивните врнежи и излевањето на реките, во кои од почетокот на годината загинаа 72 лица, а илјадници беа евакуирани, пренесува Anadolu Agency (AA).
Невообичаени дождови и невреме го зафатија северниот брег на Перу, а се случи и големо излевање на водите и до лизгање на земјиштето, додека бројни села останаа изолирани. Метеоролошките служби предвидуваат дека невремето ќе продолжи и во следните две недели.
Поради обилните врнежи поплавен е канализацискиот систем во градовите по должината на пацифичкиот брег, а Министерството за здравство веќе ги презело мерките против комарци околу големите бари на улиците.
Нанесена е штета на околу 115.000 куќи, уништени се 117 мостови и голем број патишта. Поради поплавите во целост се евакуирани и некои населени места во северниот дел на Перу.
Главниот град Лима е без вода од почетокот на неделата, а цените на одредени прехрамбени производи драстично се зголемија.
Властите ги ангажираа вооружените сили да ѝ помогнат на полицијата во одржувањето на јавниот ред во 811 градови, во кои е прогласена вонредна состојба.
Перуанската влада соопшти дека во обилните врнежи и поплави кои се случиле во 1998 година загинале 374 лица.