Bedrudin Brlyavac
21 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
ЛИМА (АА) - Перу се соочува со најголемите поплави во последните две децении како резултат на интензивните врнежи и излевањето на реките, во кои од почетокот на годината загинаа најмалку 75 лица, а илјадници луѓе се евакуирани, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според властите на Перу, најмалку 75 лица загинале, 263 се повредени, а повеќе од 70.000 жители се останати без своите куќи во големите поплавите што ја зафатија земјата.
Необични дождови пропратени со бура го зафатија перуанскиот северен брег, со обилно излевање на водата и создавање на свлечишта.
Бројни населен места останаа изолирани откако патиштата се поплавени, а мостовите срушени како резултат на излевањето на реките.
Поради обилните врнежи поплавен е канализацискиот систем во градовите долж пацифичкиот брег, а Министерството за здравство презеде мерки против комарците околу големите бари настанати на улиците.
Нанесена е штета на околу 115.000 куќи, уништени се 117 мостови и голем број патишта. Поради поплавите во целост се евакуирани и некои села во северниот дел на земјата.
Главниот град Лима е без вода од почетокот на неделата, а цените на одредени прехранбени производи драстично се зголемија.
Властите ги ангажираа вооружените сили да ѝ помогнат на полицијата во одржувањето на јавниот ред во 811 градови, каде што е прогласена вонредна состојба.
Перуанската влада соопшти дека во периодот на обилни врнежи и поплави во 1998 година загинале 374 лица.