Miki Trajkovski
07 Февруари 2016•Ажурирај: 09 Февруари 2016
ОХРИД (АА) - Не само по неколкуте црвени точки кои ги има на телото, Охридската пастрмка како ендемичен вид на риба која што живее во Охридското езеро е препознатлива и по вкусното бело месо, велат за Anadolu Agency (AA) добрите познавачи на карактеристиките на овој вид риба.
Според Трајче Талески од Хидро-биолошкиот завод во Охрид, оваа пастрмка е единствена и по нејзината старост бидејки го населила езерото од самото негово формирање пред два милиони години. Црвените точки стануваат видливи во време на периодот на чинот на оплодување односно природниот мрест на пастрмката.
„Успеала во текот на овие два милиони години да се издефиренцира во неколку видови во Охридското езеро.Тоа е единствен случај во толку мал еко-систем да имате ист вид кој успеал да формира различни видиви или под видови. Може да се препознае и по црвените точки но и тие се различни кај различни видови”, вели Талески.
Радован Димитриевски, претседател на Спортско-риболовниот клуб Свети Апостол Петар од Охрид и долгогодишен рибар, вели дека Охридската пастрмка е уникатен вид на риба и во светски рамки. Од другите видови на пастрмки, вели тој, оваа се разликува по својот изглед и генетска структура. Од речната пастрмка е различна по сплеснатото тело и по малата глава.
„Такви биле условите во езерото во минатото бидејки било еден вид на затворено езеро и во него не можеле да мигрираат други видови на риби и да се менува нивната структура. Ние ја препознаваме Охридската пастрмка не само по нејзиниот изглед, туку и по нејзиното месо, по начинот на исхрана и живот. Таа живее на големи длабочини во езерото“, вели Димитриевски.
Охридската пастрмка е спцифична и во однос на исхраната која ја користи. Се храни со зоопланктон и со мали рипчиња и тоа најмногу со плашицата која е главен извор за нејзиниот опстанок во езерото. Затоа присуството на плашицата е многу важен фактор за присуството и на пастрмката. Охридската пастрмка се јавува во три подврсти и тоа: Летница, Струшка пастрмка и Охридска белвица. Димитриевски вели дека е неопходно да се преземат поголеми мерки за заштита на Охридската пастрмка која последнава деценија се соочува со сериозни проблеми во однос на својот опстанок. Поради специфичниот начин на лов на поголеми длабочини помеѓу 40-80 метри, рибарите сметаат дека нејзината промоција надвор од границите на Македонија може да придонесе за развиток и на рибниот туризам.
„Охридската пастрмка е бренд не само на Охридското езеро туку и на Македонија и Балканот. Мислам дека сега засега не е доволно испромовирана во европски и светски рамки. Се лови на специфична поголема длабочина и затоа треба тоа да го искористиме пред сè за развивање на рибниот туризам бидејки кај нас никој нема да дојде за да лови друг вид на риба. Затоа не смееме да дозволиме нејзино уништување“, вели Димитриевски. Најголемиот примерок на Охридска пастрмка кој досега е уловен бил со тежина од 22 килограми и тоа пред неколку години. Димитриевски уште додава дека примероци од Охридската пастрмка има и на Власинско езеро во Србија кои биле однесени пред десетина години, но во сосема мали количини. Поради употребата на високите летечки мрежи во деведесеттите години на минатиот век нејзиното количество во Охридското езеро е драстично намалено. Последниве години се прават напори преку вештачки мрест да се одржи и да се зголеми нејзиното присуство. Најголема штета се направила, раскажува Димитривески, во 1991 година кога биле уловени повеќе од 150 тони Охридска пастрмка.
- Како да се брендира Охридската пастрмка и дали Македонија може тоа сама да го направи?
„Македонија како земја, Охридската пастрмка не може да ја брендира како пастрмка од Македонија, туку само како пастрмка од Охридското езеро, бидејки езерото го делиме со Албанија. Охридската пастрмка е препознатлива во научната јавност, а туристите имаат можност да ја видат подготвена во ресторан или во инсталациите на Хидро-биолошкоот институт во Охрид", вели Зоран Спиркоски кој работи во оваа научна институција. Последните години се прават напори преку вештачки мрест во мрестилиштето на Хидро-биолошкиот завод да се поврати овој ендемичен вид на риба во Охридското езеро. Во тек е периодот на улов на риба од езерото наменет за вештачки мрест. Од оваа институција очекуваат да соберат 2,5 милиони зрна икра кои понатаму ќе се одгледуваат во тамошното мрестилиште до септември, кога ќе бидат пуштени во Охридското Езеро.
Специјалитетите од Охридската пастрмка се најбарани во рестораните во Охрид и Струга. Охридската пастрмка се конзумира на различни начини. Познати се неколку специјалитети од овој вид на риба како што се Охридска пастрмка на Пештански начин, Охридска пастрмка на скара, Тресена пастрмка, Охридска пастрмка со бадеми. Од еден ресторан во Струга ни го објаснија начинот на приготвување на Охридската пастрмка. Велат дека Охридска пастрмка најмногу ја конзумираат странските туристи кои го посетуваат регионот.
„Има различни начини на приготвување на Охридската пастрмка како што се печена пастрмка и тресена пастрмка. За добро приготвена пастрмка потребни се многу зачини, да биде добро исчистена и се декорирана со лимон или портокал. За печење на рибата се потребни 15 минути.Тресена пастрмка се приготвува на тој начин што откако ќе се исчисти, целосно се пече. Во меѓувреме се приготвува ориз и праз со сите зачини, кои се ставаат во чинија. Како подлога и над нив се става месото од рибата“, изјави Стане Јованоски, готвач во еден струшки ресторан.
Познати се и чорбите со икри од Охридска пастрмка или белвица, кои исто така се наоѓаат на менијата речиси на сите угостителски објекти во Струга и Охрид. Инаку цената на Охридската пастрмка достигнува и до 1.000 денари по килограм, додека на белвицата до 400 денари.