Abdula Berisha
18 Март 2023•Ажурирај: 20 Март 2023
Северна Македонија е домаќин на претстојниот состанок на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина што го водат претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, под покровителство на Европската Унија (ЕУ), јавува Анадолу.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денес во Охрид ги пречека лидерите на земјите соседи, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти.
На официјалниот пречек присуствуваа и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, како и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград - Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
„Чест и задоволство ми е што овде, во Охрид, Република Северна Македонија е домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Косово и Србија што го водат претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти“, рече премиерот Ковачевски на прес-конференцијата на која информираше дека состаноците се веќе во тек.
Во текот на денот е предвидено европските претставници да одржат одвоени состаноци со лидерите на Србија и на Косово, проследени од заеднички состанок.
Претходно премиерот Ковачевски рече дека одржал одвоени средби со Вучиќ и Курти, посакувајќи им успех во дијалогот.
„Утрово, на мое барање, одржав одделни билатерални средби со претседателот Вучиќ и со премиерот Курти. Сакав лично да им укажам на важноста што како земја сосед на Србија и на Косово му ја посветуваме на овој состанок и да им посакам успех во дијалогот“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека ги охрабрил страните да бидат конструктивни и да имаат продуктивен ден.
- Северна Македонија е фактор на стабилност во регионот
Премиерот Ковачевски истакна дека местото на Западен Балкан е во ЕУ, додавајќи дека сега е вистински момент да се забрза интегративниот процес за целиот Западен Балкан.
Тој нагласи дека Северна Македонија е високо почитуван партнер на меѓународната заедница.
„Сакам да потенцирам дека Република Северна Македонија не случајно е избрана како земја домаќин на овој дијалог. Северна Македонија денес е препознаена како почитуван партнер на меѓународната заедница и фактор на стабилност во регионот“, истакна Ковачевски.
- Охрабрување од Столтенберг за Вучиќ и Курти
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, преку објава во социјалните мрежи ја истакна важноста на дијалогот меѓу Београд и Приштина за целиот регион.
„Разговорите во Охрид олеснети од ЕУ се важни и очекувам (српскиот претседател) Александар Вучиќ и (косовскиот премиер) Албин Курти да се вклучат конструктивно и да постигнат напредок. Ова е клучно за трајната стабилност, како и за европската и евроатлантска иднина на регионот. НАТО-КФОР продолжува да се ангажира за стабилно и мирно Косово“, напиша Столтенберг на Твитер.
Исто така, дијалогот го подржуваат и САД преку високиот претставник Габриел Ескобар кој е исто така присутен во Охрид.
После последниот состанок на високо ниво одржан на 27 февруари во Брисел, високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека двете страни немаат потреба од додатни дискусии за европскиот предлог. ЕУ потоа го објави предлог-договорот кој предвидува нормализирање на односите меѓу Србија и Косово. Предлог-договорот не беше потпишан на состанокот, иако премиерот Албин Курти рече дека косовската страна изразила подготвеност за негово потпишување.