Заврши состанокот помеѓу премиерот на Косово, Албин Курти, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Охрид со посредство на претставници на Европската Унија (ЕУ) за спроведување на европскиот предлог за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина, јавува Анадолу.
Лидерите на Косово и на Србија најпрво имаа одвоени средби со европските посредници, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, и претставникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, а потоа следуваше трипартитна средба на која се фокусираа на финализирањето на анексот за спроведување на европскиот договор за патот кон нормализација на односите помеѓу Косово и Србија.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, на прес-конференција соопшти дека е постигнат договор меѓу Косово и Србија на средбата за дијалог на високо ниво помеѓу Приштина и Белград што се одржа во Охрид.
Борел појасни дека договор меѓу двете страни е постигнат и на 27 февруари на средбата одржана во Брисел, додавајќи дека денес морало да се постигне договор за тоа како треба да се спроведе договорот од 27 февруари.
Според него, тоа значи детали и практични чекори што треба да се направи, до кога, од кого и како треба да се направи.
„За ова разговаравме 12 часа и со задоволство можам да истакнам дека конечно, по 12 часа, имаме договор за тоа како треба да се спроведе. Значи, можам да нагласам дека Косово и Србија постигнаа договор за анексот на имплементација на договорот околу патот на нормализација на односите помеѓу нив, односно помеѓу Косово и Србија“, рече Борел.
Иако договорот и анексот не се потпишани поради неподготвеноста на српската страна, Борел изјави дека тие се сметаат за одобрени.
„Она што страните го прифатија, што подразбира договорот и неговата имплементација преку анексот, ќе стане составен дел од нивниот пат кон Европската Унија“, рече Борел, додавајќи дека ЕУ ќе бара исполнување на обврските, предупредувајќи за последиците во случај да не се исполнат обврските.
Тој изјави дека двете страни, како и целиот регион, ќе имаат корист од постигнатиот договор.
Борел им се заблагодари и на премиерот на Косово, Албин Курти, и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кои учествуваа на средбата на високо ниво.
- „Тежок, но неопходен договор“
Во Охрид беше и американскиот претставник Габриел Ескобар. Тој во изјава за медиумите го изрази своето задоволство од постигнатиот договор.
„Сакам да им честитам на страните што постигнаа тежок, но неопходен договор за постигнување мирни и предвидливи односи помеѓу нив. Ова сега го отвора патот за евроатлантска интеграција на двете земји, но го отвора и патот регионот да влезе во нова ера на мирот“, рече Ескобар.
Борел и Ескобар им се заблагодарија на Северна Македонија и на премиерот Димитар Ковачевски затоа што биле домаќини на средба на високо ниво, која вообичаено се одржува во Брисел.
- Албин Курти
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека на средбата за дијалог на високо ниво помеѓу Приштина и Белград, која се одржа во Охрид, е постигната јавна согласност, но повторно ја обвини српската страна дека не се согласува да го потпише документот.
Курти, во изјавата за медиумите по средбата, рече дека другата страна бега од потпишување на договорот.
„Дојдовме во Охрид за да го потпишеме основниот договор со анексот за имплементација. Постигнавме јавна согласност за анексот што ќе го води спроведувањето на основниот договор. Другата страна, исто како и на последниот состанок во Брисел на 27 февруари, бега од потпишување на договорот“, нагласи Курти.
Имајќи предвид дека договорот не е потпишан, косовскиот премиер изјави дека Европската Унија е одговорна за неговата имплементација.
„На ЕУ ѝ припаѓа да го најде механизмот статусот на овој договор да биде правно и меѓународно обврзувачки“, истакна Курти.
Косовскиот премиер рече дека основниот договор претставува де факто признавање на Косово од Србија, но додаде дека има и други работи за кои мора да се договорат.
Одговарајќи на новинарски прашања, Курти истакна дека Косово се согласило со ставот за адекватно ниво на управување со српската заедница и дека Косово ќе се придржува до највисоките стандарди за Србите на Косово да не се соочуваат со закани или дискриминација.
- Александар Вучиќ
Српскиот претседател Вучиќ по средбата изјави дека денес е постигнат некаков договор и дека е задоволен од ова.
„Се разбира, ова нема да биде сè. Овие неколку точки за кои се договоривме ќе станат дел од преговарачката рамка за двете страни. Европскиот совет ќе донесе одлука тоа да биде дел од преговарачката рамка“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека ова е долго, сериозно патување што не трае еден или пет дена и дека сè штотуку започнало.
„Европската Унија ќе процени колку направил секој од планот за имплементација, кој ќе треба да се прошири“, нагласи Вучиќ.
Српскиот претседател истакна дека за Србија е од големо значење создавањето на Заедницата на српски општини да биде приоритетна обврска.
„Мора да кажам дека сум задоволен. Сè уште се зборува за исчезнати лица. Планот за имплементација ќе треба да се подобри“, нагласи Вучиќ и додаде дека ако Србија сака да остане на европскиот пат, нејзиниот напредок ќе се оценува според тоа како и што би направиле.
Двете страни, рече Вучиќ, ги истакнаа своите црвени линии и разговорите ќе продолжат и во следните месеци.
„Разговорот беше конструктивен“, рече претседателот на Србија.
Договорот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, кој претходно беше објавен на веб-страницата на ЕУ, се состои од 11 члена што не предвидуваат меѓусебно признавање, но страните се обврзуваат меѓусебно да ги признаваат националните документи и симболи, вклучително пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати.
Според текстот на предлогот, со кој се согласија двете страни, ќе се почитуваат принципите на суверена еднаквост на државите, почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет. Предлогот предвидува Србија да не се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација, нема да ја блокира другата страна и нема да ги охрабрува другите да го блокираат напредокот на другата страна на патот кон ЕУ.
news_share_descriptionsubscription_contact


