Мајстор веќе 45 години ја продолжува семејната традиција на изработка на опинци стара со генерации
- „Опинокот има карактеристика да не ја задржува калта во калливи временски услови. Бидејќи е направен од чиста кожа, му дава удобност на стапалото...“
Mesut Karaduman
04 Јуни 2026•Ажурирано: 04 Јуни 2026
photo: Mesut Karaduman / AA
ТЕКИРДАГ
Во населбата Караџакилавуз, во турскиот град Текирдаг, 54-годишниот Мехмет Оскај веќе 45 години со љубов го одржува жив занаетот за изработка на традиционални опинци, што го добил како скапоцено наследство од својот дедо, јавува Анадолу.
Оскај, кој уште на деветгодишна возраст покрај својот дедо научил како се сече кожа и како се шијат опинци, со текот на годините станал вистински мајстор и го продолжил производството на традиционален начин.
Во својата мала работилница, тој со своите две раце создава опинци кои ги испраќа во многу делови на Турција, истовремено вложувајќи големи напори овој занает да им се пренесе и на идните генерации.
Низ годините ги усовршил тајните на обработката на кожата, па почнал да ги приспособува традиционалните опинци на денешните потреби, дизајнирајќи нови модели во форма на чевли и сандали.
Фотографија : Mesut Karaduman/AA
Покрај обувките за мажи, Оскај изработува и производи за жени и на тој начин го спојува овој занает, кој полека паѓа во заборав, со модерниот живот.
Неговата работилница не е само обичен простор за производство, туку воедно претставува и едно мало културно катче кое ги отвора портите кон минатото.
Тука Ајдин ги изложува бакарните садови, садовите за носење вода, земјоделските алатки и разните антиквитети кои ги собирал со години, запознавајќи ги посетителите со некогашната култура на живеење.
Мехмет Оскај за Анадолу раскажа дека изработката на опинци е нивно семејно наследство.
Фотографија : Mesut Karaduman/AA
Истакнувајќи дека почнал да го учи занаетот уште од детството, Оскај вели: „Правам опинци од мојата 9-годишна возраст. Овој занает ни остана од дедо ни. Го продолжувам веќе со години. Сè додека ме држи силата, ќе се трудам да го работам. Потоа, сакам да му го пренесам и на моето дете.“
Опинокот, благодарение на својата природна структура, нуди голема удобност. Оскај вели дека луѓето ги претпочитаат особено за работа во градина.
„Опинокот има карактеристика да не ја задржува калта во калливи временски услови. Бидејќи е направен од чиста кожа, му дава удобност на стапалото. Порано повеќе се користеше во руралните предели, но денес има луѓе кои го избираат за различни намени“, рече тој.
„Процесот на изработка на еден опинок започнува со кроење на кожата“, вели Оскај и додаде:
„Прво ја сечеме кожата, а потоа ја обработуваме и ја шиеме. Во последната фаза ја ставаме на калап и ја подготвуваме за употреба. Бидејќи ја работам оваа работа долги години, еден опинок можам да изработам за околу 10 минути. Добиваме нарачки од Истанбул, Измир и од разни делови на Тракија.“
Мајстор веќе 45 години ја продолжува семејната традиција на изработка на опинци стара со генерации