Mohammad Sio
04 Јуни 2026•Ажурирано: 04 Јуни 2026
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата владејачка партија Ликуд вршеле притисок врз пратениците да го поддржат неговиот личен адвокат, Михаел Рабело, на изборите за државен контролор, пренесува Анадолу.
„Тајмс оф Израел“ објави дека пратениците во Кнесетот со 61 глас „за“ и 57 „против“ го избрале Рабело за државен контролор, по контроверзното повторено гласање.
Државниот контролор има функција на независен владин ревизор и заштитник на јавниот интерес во Израел.
Блиските врски на Рабело со Нетанјаху предизвикаа загриженост во однос на независноста на оваа институција.
Вториот круг од гласањето беше прекинат и повторен поради тврдењата дека пратениците од партијата Ликуд биле под притисок да ги фотографираат, па дури и да ги снимаат своите гласачки ливчиња за да докажат дека гласале за Рабело и дека не го „предале“ Нетанјаху, и покрај законските прописи кои налагаат гласањето да се спроведе со тајно изјаснување.
Опозициските лидери го обвинија Ликуд за нарушување на интегритетот на изборите и најавија дека ќе поднесат претставка до Врховниот суд на Израел за поништување на резултатот, со аргумент дека пратениците биле заплашувани за да откријат како гласале, се наведува во веста.
И дневниот весник „Једиот ахронот“ објави дека за време на гласањето избиле судири во пленарната сала на Кнесетот, што принудило процесот да биде започнат од почеток откако се појавила загриженост дека пратениците од коалицијата ги фотографирале своите гласачки ливчиња.
Според весникот, партијата Ликуд им дала инструкции на своите пратеници да се снимаат додека гласаат за Рабело.
Како што информираше „Једиот ахронот“, во јавноста почнале да кружат видеоснимки на кои се гледа како министерот за комуникации, Шломо Кархи, се снима себеси додека гласа за Рабело, додека пратеникот на Ликуд, Ханох Милвидски, бил фотографиран како на селфи го покажува гласачкото ливче со името на Рабело.
Рабело треба да го замени Матанјаху Енглман, чиј седумгодишен мандат завршува ова лето.