Admir Fazlagic
24 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министрите за дијаспората на Македонија, Албанија и Косово, Едмонд Адеми, Пандели Мајко и Дардан Гаши одржаа трилатерална средба во Охрид, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од кабинетот на министерот задолжен за дијаспора во Владата на Република Македонија, Едмонд Адеми, соговорниците заедно оцениле дека соработката во полето на дијаспората е корисна и важна за продлабочување на соработката меѓу трите земји во регионот.
„Состанокот во Охрид се смета како важен почеток за промовирање на заеднички активности во зајакнувањето на врските меѓу земјите во рамките на процесот на евроатланска интеграција. Министрите ја поздравија последната одлука на Парламентот на Република Македонија за изгласување на Законот за јазиците како придонес за заедничка регионална соработка. Министрите се согласија да реализираат заеднички посети во САД, Германија и други земји за да се одржат средби со асоциациите на дијаспората по потекло од трите земји", се наведува во соопштението.
Од кабинетот на министерот Адеми, соопштуваат дека министрите за дијаспора на Македонија, Албанија и Косово се согласиле дека нивното заедничко дејствување треба да продолжи и да биде инклузивно со меѓусебни договори и за другите заинтересирани држави од регионот.