Haydar Karaalp
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
БАГДАД (AA)
- Хајдар КАРААЛП
Али Шакир Џебир, младиот Ирачанец кој ја напуштил својата земја истоштена од војна и сонувајќи големи соништа заминал за Европа, губејќи ја надежта по пристигнувањето, се вратил во домот на својот татко во Багдад.
Роден во Багдад во 1999 година, со завршено средно училиште, Џебир, напуштајќи ја својата земја во јули, преку шверцери на луѓе прво заминува во Белорусија, за потоа илегално да пристигне во Литванија.
Но младиот Ирачанец, не можејќи да ги поднесе тешките услови за живот и малтретирањето во кампот во кој престојувал, морал да се врати во својата земја, во која не можел да најде иднина.

Џебир своето исцрпувачко патување кое завршило со очај, за Агенција Анадолија го раскажа во куќата на неговиот татко во областа Еш-Шуле во Багдад.
„Бидејќи не гледав надеж во Ирак, заминав во странство, обидувајќи се да ја најдам својата иднина“, рече Џебир, и додаде „Како и стотици други млади луѓе, знам дека без разлика дали учам или работам, тука не можам да постигнам ништо. Семејството беше против моето заминување од Ирак. Му реков дека ќе одам на двонеделно патување и дека ќе се вратам.“
- „Бегајќи од затвор, не сакав повторно да живеам во затвор“
Раскажувајќи дека со група пријатели добил виза од Белоруската амбасада и пристигнале во оваа земја во рок од три дена, Џебир продолжи со зборовите:
„Таму во рок од четири дена запознавме шверцери на луѓе и се обидовме да заминеме на друго место. Тргнавме кон границата со Литванија и еден по еден, тајно влеговме во земјата, поминувајќи ги тамошните воени пунктови. Моја цел беше оттаму да преминам во Германија, меѓутоа, кога еден од моите пријатели се обиде да сними видео со својата камера при нашето влегување во Литванија, војниците потрчаа по нас, нѐ фатија и нѐ сместија во бегалскиот камп. Војниците во кампот многу лошо се однесуваа кон нас. Имаше проблеми со храната и водата и бевме жртви на дискриминација. Војниците ни велеа: ‘Вие, Арапите, сте терористи‘, и нѐ тепаа со стапови, а користеа и солзавец. Пуштија дури и куче на нас. Поголемиот дел од луѓето во кампот во кој престојував се состоеше од млади од Ирак кои се родени по 2003 година. Јас, бегајќи од затвор [Ирак], не сакав и таму да живеам по затвори, и кога ја видов ситуацијата, решив да се вратам.“

Зборувајќи дека исчезнале негови двајца пријатели кои демонстрирале против малтретирањето во логорот, Џебир рече дека сè уште не се слушнале.
Али Шакир Џебир истакна дека покрај Ирачаните, во камповите има и млади од Сирија, Авганистан и од африканските земји.
Изјавувајќи дека бил вратен од ирачките власти кога соопштил дека сака да се врати во Ирак, Џебир рече дека сега работи во продавница за градежни материјали, обидувајќи се да му помогне на своето семејство, кое се состои од три момчиња, две девојчиња и родителите.

- Неговиот татко го загубил десното око во војната
Шакир Џебир, 62-годишниот татко на младиот Џебир, изразувајќи ја својата загриженост за иднината на младите во Ирак, изјави: „Младите не можат да бидат ниту носачи во Ирак. Младите во оваа земја немаат ниту шанси ниту можности за работа. Сите сакаат да избегаат од државата. Јас, и покрај сѐ, не сакав син ми да избега во странство, но не можев да го задржам. Семејството го издржувам продавајќи зеленчук на тезга што ја поставив на оваа возраст. Седумнаесет години служев во војска во Синџар, Тал Афар и Бак во подрачјето на Мосул. Го изгубив десното око во Иранско-ирачката војна, но во моментов немам ни плата.“