Zylfije Adem Jakupi
17 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
ПРИШТИНА (АА) - Момчиња и девојчиња облечени како суперхерои од цртани филмови ги изненадија децата заболени од разни видови канцер кои се лекуваат во Клиниката за педијатрија на Универзитетскиот клинички центар во Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Спајдермен, Бетмен, Хулк и други цртани ликови се спуштија со јажиња од повеќекатната Клиника за педијатрија, запирајќи на прозорците на секој кат за на болните деца да им дадат симболични поклони.
Манифестацијата е организирана од Фондацијата „Грижа за косовските деца“ и Алпинистичкиот клуб „Приштина“.
Членката на одборот на Фондацијата, Флориана Бајрами, изјави дека целта на овој настан, кој се одржува по вторпат, е подигање на свеста за потребите на овие деца.
„Првиот пат [манифестацијата ја организиравме] во 2019 година, додека минатата година, поради пандемијата не успеавме да ја одржиме. Главната цел е луѓето да се запознаат со потребите кои ги имаат овие деца“, рече Бајрами.
Акцијата финансиски е поддржана од Економската банка на Косово.
Фондацијата „Грижа за косовските деца“ од 2013 година ги обезбедува сите лекови за деца заболени од различни видови канцер во Косово, каде што секоја година околу 50 деца заболуваат од канцер.