Sümeyye Dilara Dinçer
23 Ноември 2021•Ажурирај: 24 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Шест деца од Гренланд, што биле одвоени од нивните семејства во 1950-тите години како дел од „социјалниот експеримент“, чија цел беше да се создаде „елитна општествена класа“, која може да воспостави подобри врски меѓу Гренланд и Данска, побараа отштета од данската Влада, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), адвокатите на 6 од 22 деца донесени во Данска од Гренланд во 1950-тите, поднесоа барање за отштета од данската Влада.
Адвокатите бараа отштета од 28.200 фунти за секое од тие 6 деца што сега се на околу 70 годишна возраст.
Официјалните лица од Данска не дадоа изјава во однос на ова прашање.
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, во 2020 година се извини во име на својата земја за 22-те деца кои беа земени од нивните семејства во Гренланд за социјалниот експеримент.
Како дел од социјалниот експеримент било планирано децата земени од нивните семејства на Гренланд и донесени во Данска во 1950-тите да бидат обучени како „мали Данци“ и да бидат вратени назад на Гренланд.
Во рамките на споменатиот план, данската Влада имаше за цел да создаде „елитен социјален сегмент“ што би можел да воспостави подобри врски меѓу Копенхаген и главниот град на Гренланд, Нук.
Откако планот не успеа, децата, кои беа одвоени од нивните семејства, подоцна се вратени на Гренланд.
Децата, од кои повеќето никогаш повеќе не ги виделе своите семејства, биле сместени во дом за деца без родители.