Ekipa
18 Јули 2018•Ажурирај: 19 Јули 2018
ЧИАНГ РАИ (AA) - Се очекува спасените момчиња, кои беа заробени 18 дена во поплавената пештера во Тајланд, да бидат пуштени од болница денес, пренесува Anadolu Agency (AA).
За вечерва,закажана е прес-конференција со 12-те момчиња и нивниот тренер, во северниот град Чианг Раи, каде што 12-те момчиња закрепнуваа во болницата од минатата недела. Конференциската сала, која е подготвена како место за прес-конференција, украсена е како фудбалско игралиште.
Портпаролот на Владата, Сенсерн Каукамернд, рече дека лекарите, социјалните работници и психолозите ќе учествуваат на прес-конференцијата за да ги филтрираат прашањата и да им обезбедат на момчињата да се чувствуваат добро. На медиумите нема да им биде дозволено да ги испрашуваат момчињата по прес-конференцијата.
Фудбалскиот тим „Wild Boars“ влегол во пештерата Там Луанг на 23 јуни, по тренингот. Почнало да паѓа дожд додека тие биле под земја, а водата ја наполнила пештерата и ги затворила сите излези.
Спасувачите ја пронајдоа групата, која се засолнила на суво тло длабоко во пештерата, 10 дена подоцна. Меѓународниот тим спасувачи кои користеа опрема за нуркање и шлемови ги извлекоа 12-те момчиња и тренерот преку поплавените премини за три дена, по што операцијата беше завршена на 10 јули.
Некои од момчињата беа третирани во болницата поради мали инфекции, но сите 12 закрепнуваат добро.
Семејството на едно од момчињата го подготви својот дом за неговото враќање.
Банфот Конкум, вујкото кој се грижи за 13-годишниот Дуангпеча Промтепа, рече дека тој има обновена спална соба и подароци кои ќе го чекаат.
„Ќе направиме сè што сака. Ако сака нешто, ние тоа ќе го купиме како подарок, бидејќи ветивме дека кога ќе излезе од болницата, ќе добие сè што сака“, рече Банфот.