Ekipa
18 Јули 2018•Ажурирај: 19 Јули 2018
ТРИПОЛИ (АА) - Крајбрежните безбедносни сили на Либија соопштија дека се спасени 165 мигранти на отворени води во близина на градот Караболи, кој се наоѓа источно од Триполи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според писменото соопштение на крајбрежните безбедносни сили, тимовите на овие сили кои биле во патрола, спасиле 165 мигранти кои се наоѓале во гумен чамец, од кои 12 деца и 34 жени.
Во соопштението се наведува дека за време на спасувачките операции, извршени на отворени води кај градот Караболи, извлечен е труп на едно бебе, и дека овие мигранти околу 60 часа останале гладни и жедни на отворено море.
Двајца од вкупно спасените мигранти се од Алжир, двајца од Бангладеш, еден од Египет, а другите се од различни африкански земји, кои потоа биле пренесени во Поморската база во Триполи за да им се понуди хуманитарна и здравствена помош.
Од друга страна, Оскар Кампс, директор на шпанската невладина организација „Proactiva Open Arms“, во објава на Твитер, ги обвини крајбрежните безбедносни сили на Либија, поддржани од страна на италијанската Влада, дека ги оставиле една жена и дете да умираат во чамецот.
Според официјалните локални и меѓународни извори, во Либија се наоѓаат мигранти од 24 земји, од кои 95 отсто се Африканци кои преку Средоземното Море се обидуваат да преминат во Европа.