Husamedin Gina
26 Октомври 2020•Ажурирај: 27 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Заменикот на претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, претставувајќи го планот за економски раст за 2020 година, истакна дека оваа година се потпишани договори со вкупно 48 компании, од кои 38 нови компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска одржаа заедничка онлајн прес-конференција.
Министерот Битиќи потсети дека планот за економски раст има за цел да ги поттикнува инвестициите, технолошкиот развој, новите вработувања и конкурентноста на компаниите
„Оваа година се потпишаа нови договори со 38 компании и 10 анекси на договори со поранешни компании, со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра“, нагласи Фатмир Битиќи, додавајќи дека тоа ќе значи стабилност на работните места и отворање на дополнителни работни места.
„Заедно со овие 48 компании со кои склучивме договор“, како што рече Битиќи, „од 2018 година се потпишани вкупно 245 договори со компании“.
Според министерот Битиќи, инвестициите направени минатата година донеле нови 146 работни места, а планирано е овие компании со комплетирање на бизнис-плановите да вработат 498 лица.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, наведе дека и покрај пандемијата која предизвика економска криза, и оваа година државата продолжува со поддршка на бизнисот и поддршка на компаниите кои успеале да работат успешно минатата и во текот на оваа година.
„Што се однесува до уредбата можам да ја информирам јавноста, а посебно компаниите, дека е при крај евалуацијата на сите апликации и наредната недела ќе доставиме извештај од страна на Комисијата, која е во склоп на Министерството за економија, до Владата, со што ќе продолжиме со потпишување нови договори за инвестиции кои ќе надминат 100 милиони евра во текот на 2020 и во 2021 година.“
Бектеши, исто така, истакна дека за Владата е важно да се поддржат храбри компании, без разлика дали се странски или домашни, кои ќе инвестираат и ќе креираат нови работни места.
На новинарско прашање дали ќе се прифатат барањата на странските инвеститори за намалување на царинските стапки за увоз на компоненти за автомобилската индустрија, кои се многу високи, и дека овие инвеститори бегаат од земјата, заменикот на претседателот на Владата, Битиќи, рече дека не се согласува со ставот дека инвеститорите бегаат од земјата и дека и покрај пандемијата интересот за инвестирање и инвестирањето во државата не изостанува.
Тој додаде дека поради кризата со Ковид-19 одредени инвеститори само ги одложиле нивните одлуки за инвестиции, но се согласува со тоа дека царинските стапки треба да претрпат измени.