економија

Министерот Бектеши ја промовираше Програмата за конкурентност и претприемништво

Министерот за економија потсетувајќи дека во 2017 за истата програма биле предвидени само 10 милиони денари, истакна дека средствата за поддршка на малите и средните претпријатија, но и генерално за индустриската политика, растат во континуитет

Husameddin Gina  | 15.01.2019 - Обновена : 16.01.2019
Министерот Бектеши ја промовираше Програмата за конкурентност и претприемништво Husameddin Gina/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – За Програмата за конкурентност и претприемништво за 2019 година, предвидени се 53 милиони денари, изјави на денешната прес-конференција министерот за економија, Крешник Бектеши, јавува Anadolu Agency (AA).

Тој, потсетувајќи дека во 2017 година за истата програма биле предвидени само 10 милиони денари, истакна дека средствата за поддршка на малите и средните претпријатија, но и генерално за индустриската политика, растат во континуитет.

Бектеши нагласи дека Програмата за конкурентност и претприемништво за 2019 година е поделена на четири дела.

„За оваа програма, која е поделена на четири дела, предвидени се 53 милиони денари. И тоа, првиот дел директна поддршка за малите и средните претпријатија, вториот дел е за индустриската политика генерално, третиот дел е за поддршка на кластерите во Република Македонија, а го воведовме и четвртиот дел со кој ги поддржуваме компаниите што ќе преземат активности што се однесуваат до општествената одговорност“, истакна министерот Бектеши.

Крешник Бектеши на денешната прес-конференција потсети дека во претходната 2018 година како Министерство за економија ги реализирале 99 отсто од средствата предвидени согласно програмите што се однесуваат за конкурентност, иновативност и претприемништво што се спроведуваат во состав на Министерството.

Тој, напоменувајќи дека 2019 година ќе биде економска година за Република Македонија, истакна дека заедно со бизнис-заедницата и со креирање на различни мерки ќе го реализираат предвиденото во буџетот за оваа година.

Одговарајќи на новинарско прашање дали се за предвремени избори, Бектеши истакна дека мала економија како што е економијата на Македонија не може да има избори секоја година.

„Ние сега веќе ги имаме подготвено сите проекти за да можат да се реализираат со предвидената динамика и тие не треба да имаат застој, но секако, тоа е политичка одлука, и ако се одлучат коалиционите партнери да одат на избори, ние сме подготвени да одиме“, рече Бектеши.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.