Bekim Laci
25 Октомври 2016•Ажурирај: 26 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за економија на Република Македонија денес додели решенија за субвенционирање на компании од различни профили на делување во Македонија, како дел од својата Програма за конкурентност, иновации и претприемништво за 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за економија, Дритон Кучи, во своето обраќање пред претприемачите истакна дека претприемништвото или микро, малите и средните компании се главен двигател на секоја економија, што е потврдено од податоците за нив.
„Микро, малите и средните претпријатија учествуваат во економијата на земјата со 99,7 отсто од вкупниот број претпријатија, апсорбирајќи 75 отсто од вкупниот број вработени, со што потврдуваат дека се најважните учесници во економијата на земјата и креатори на општествениот производ“, рече тој.
Според Кучи, секторот на занаетчиството исто така има важна улога во развојот на економијата, бидејќи, како што рече, занаетчиството има долга традиција на производство и обезбедување квалитетни услуги, додавајќи дека сака да ја нагласи улогата и влијанието на жените врз економијата на земјата, кои на глобално ниво сè повеќе се зголемуваат.
„Создавањето на една конкурентна економија, базирана на претприемачкиот дух и темелите на знаењето, иновациите и соработката и извозната ориентираност, е цел во работата на Министерството за економија и на Владата на Република Македонија во целина“, рече Кучи.
Тој им се заблагодари на претприемачите за нивниот пристап преку кој министерството го гледаат како партнер во остварување на бизнис целите, иако, како што рече тој, износот кој го доделува министерството е симболичен.
Доделените решенија се однесуваат на ИСО стандардите, НАССР-системот, субвенциите за поддршка на женското претприемништво и субвенциите за поддршка на занаетчиите.