Husamedin Gina
17 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, истакна дека буџетот за 2022 година ќе изнесува 1,24 милијарди денари и дека следната година ќе биде година на економско заздравување на земјата и забрзување на растот преку инвестиции, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Крешник Бектеши денеска на онлајн прес-конференција го презентира буџетот на Министерството за 2022 година.
Главни приоритети на буџетот на Министерството за економија, идната година, според министерот Бектеши, ќе бидат создавање услови за развој на индустријата, развивање на претприемништвото, обезбедување енергетска стабилност и сигурност, развој на туризмот со подобрување на стандардите за туристичката понуда.
Министерот Бектеши потсети дека минатите две години, поради пандемијата, најголем дел од буџетот на Министерството за економија биле насочени кон поддршка на најпогодените сектори и најпогодените граѓани од пандемијата.
„Следната 2022 година ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции. Главна карактеристика на целиот буџет на државата секако дека е развојната компонента, со што се обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан инклузивен и одржлив економски развој“, нагласи министерот Бектеши.
Наведувајќи дека буџетот за 2022 година е предвидено да изнесува 1,24 милијарди денари, министерот Бектеши рече дека планирани се повисоки средства за капиталните инвестиции.
Меѓу другото, министерот Бектеши истакна дека во програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност за 2022 година предвидени се субвенции за граѓаните во вкупна вредност од 80.000.000 денари, што е за 30.000.000 повеќе споредбено со средствата кои беа предвидени за 2021 година.
Во делот на активностите за финансиска поддршка на туризмот во 2022 година, министерот, наведувајќи дека ќе има поддршка на домашниот туризам, рече дека за развој на туризмот и промоција на земјава на светската туристичка мапа и поддршка на домашниот туризам следната година се предвидени 38,5 милиони денари.
Во однос на поскапувањето на прехранбените продукти, дали во Владата се размислува за некои мерки, министерот Бектеши рече дека во Владата се прават анализи, и во моментот кога ќе се предвиди дека е можно да има ценовни шокови, навремено ќе се преземат соодветни мерки, согласно Законот за трговија и надлежностите на Министерството за економија.
На новинарско прашање дали би можело Демократската унија за интеграција (ДУИ) да биде зафатена од најавената владина реконструкција, министерот Бектеши рече дека нема потреба од измена на членовите на ДУИ во сегашната Влада, но дека конечната одлука за тоа прашање ќе го донесе претседателот на партијата и партиското раководство.