Ahmet Furkan Mercan
22 Ноември 2021•Ажурирај: 23 Ноември 2021
ТОКИО (АА) - Јапонската Влада ќе инвестира 500 милијарди јени (4,4 милијарди долари) за развој на технологии за вештачка интелигенција за да ја зголеми својата економска безбедност, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на агенцијата „Кјодо“ базирана на владини извори, Јапонија во рамките на новиот пакет за фискална стимулација ќе одвои ресурси за зголемување на економската безбедност.
Владата ќе формира финансиски фонд од 500 милијарди јени (4,4 милијарди долари) за справување со економските безбедносни проблеми на долг рок.
Со фондот, кој има за цел да ја заштити економската безбедност на земјата, ќе се спречи можниот технолошки колапс и ќе се развиваат и имплементираат инвестиции на полето на вештачката интелигенција.
Од друга страна, во рамките на новиот пакет финансиски стимулации, ќе се распределат пари за проекти насочени кон производство на домашна вакцина против Ковид-19 и решенија за недостигот од снабдување со чипови и полупроводници.
Според веста на „Кјодо“, јапонската јавност оценува дека трговските и царинските тензии меѓу САД и Кина од 2018 година може да влијаат на националната економска безбедност на земјата.