Ekipa
10 Април 2016•Ажурирај: 11 Април 2016
ТОКИО (АА) – Американскиот државен секретар Џон Кери, ќе го посети утре јапонскиот град Хирошима, со што ќе стане првиот висок службеник во САД кој ќе го посети тој град. Кери ќе ја предводи делегацијата на министри за надворешни работи од Групата на седумте најразвиени индустриски земји во светот, при што ќе положи цвеќе и ќе оддаде почит на 140.000 луѓе кои во 1945 година загинаа при експлозија на атомска бомба фрлена од страна на Американците, јавува Anadolu Agency (AA).
Сè уште не е одлучено дали дводневната посета на Кери ќе биде пробна за посетата и на американскиот претседател Барак Обама кој ќе ја посети Хирошима кон крајот на мај, кога е планирана посета на Јапонија во рамките на овогодишниот самит на Г7, кој во регионот Исе-шима ќе ги собере најголемите индустриски земји во светот. Собирот на шефовите на дипломатии инаку претставува вовед во овогодишниот самит на Г7. Ова е четврта, а веројатно и последна официјална посета на Барак Обама на Јапонија во својство на претседател на САД.
Ниеден американски претседател во текот на својот претседателски мандат ја нема посетено Хирошима, ниту пак некогаш има упатено офијално извинување поради бомбардирањата.
На 6-ти август 1945 година, бомбардерот Б-29 наречен Енола Геј, кој летал над градот Хирошима, исфрлил разорна ураниумска бомба. Се проценува дека 140.000 лица загинале во моментот на експлозијата на бомбата како и од зрачењето. Околу 70 отсто од зградите во градот биле уништени.
Три дена подоцна уште еден бомбардер Б-29 фрлил атомска бомба во Нагасаки. Според официјалните податоци, како последица од фрлањето на двете атомски бомби кон крајот на таа година, настрадале повеќе од 200.000 лица.