Ramzi Mahmud, Esat Fırat
20 Август 2026•Ажурирано: 20 Август 2026
Младите сликарки во Газа, кои поради израелските напади ги загубија домовите и значаен дел од својот живот, во работилницата поставена во традиционален шатор повторно со четки и бои ги оживуваат деталите од животот што им бил одземен, пишува Анадолу.
Десет млади жени, кои се собраа во работилницата поставена во форма на традиционален палестински шатор во градот Газа, не само што сликаат на белите платна, туку и се обидуваат да ги одржат во живот сеќавањата во сенката на присилното раселување, уништувањето и загубите.
Уметничката работилница, наречена „Некогаш постоеше“, за учесничките стана повеќе од ликовен настан, претворајќи се во простор каде што преку уметност се изразуваат загубените домови, напуштените улици и изгубеното чувство на сигурност.
Во работилницата, каде што секоја сликарка на платното пренесува траги од својот живот, на една слика е прикажан разурнат дом, на друга улица чиј изглед е сменет, а на друго дело е прикажан копнежот по чувството на сигурност пред војната.
Работилницата на сликарките, кои сакаат своите тешки искуства да ги претворат во дела што го чуваат сеќавањето, истовремено им нуди и простор преку уметноста да ги изразат чувствата што тешко може да ги искажат со зборови.
- „Уметноста е нашиот глас и нашиот пат кон заздравување“ -
Визуелната уметница и општествена активистка Фарах Аџур, една од раководителките на проектот „Дијра“, со кој е поврзан настанот, за Анадолу зборуваше за почетната точка и целите на проектот.
Наведувајќи дека поимот „Дијра“ значи „засолниште“ или „дом“, Аџур објаснува:
„Како и сите во Појасот Газа, така и ние уметниците загубивме дел од нашиот живот. Некои од нас ја загубија работилницата, некои домот, а некои чувството на сигурност. Оваа работилница има цел повторно да ни го понуди безбедниот простор од кој бевме лишени во текот на војната и да го зачува споменот на она што беше уништено.“
„Уметноста е нашиот глас и нашиот пат кон заздравување“, рече таа.
- „Името на работилницата е 'Некогаш постоеше' бидејќи тие работи некогаш постоеја“ -
Нагласувајќи дека уметноста е метод на терапија за луѓето што во Газа биле сведоци на неподносливи трагедии, Аџур рече:
„Денес преку сликите ги пренесуваме нашиот глас и она што го чувствуваме до надворешниот свет. Името на работилницата е 'Некогаш постоеше' бидејќи тие работи некогаш постоеја и продолжуваат да постојат во нашето сеќавање. Газа е тука, надежта е тука и нашата креативност никогаш нема да пресуши.“
- Уметност што се раѓа од пепелта: Осумнаесетгодишната Марах го претвори својот шатор во галерија -
Осумнаесетгодишната Марах Халид ез-Заанин, една од најмладите учеснички во работилницата, по присилното раселување од Беит Ханун во северниот дел на Газа, животот го продолжила во шатор.
Марах, која слика од детството, раскажа дека уметноста ја користи како средство за отпор и преживување.
Марах, која за време на израелските напади создала повеќе од 700 дела и шаторот во кој престојува го претворила во своевиден мал изложбен простор, за тешките денови кога не можеле да најдат материјали вели:
„За да ги исфрлам стравот, гладот и тагата од себе, сликав на сè што ќе најдев. Кога немавме боја, користевме пенкала со мастило, пепел и парчиња картон. На овој начин можевме да ја исфрлиме негативната енергија што се насобираше во нас.“
- „Најмногу ми недостасува мојот дом“ -
Марах е радосна што по долг период добила четки и бои во работилницата.
Наведувајќи дека својот изгубен дом го пренела на платното, Марах посочи:
„Најмногу ми недостасува мојот дом. Од почетокот на војната живееме во шатори. Тоа што денес овде се сретнав со моите пријателки уметници на безбедно место и повторно можев да ги користам боите, направи да почувствувам дека ми се врати душата.“
Сликарките од работилницата веруваат дека секој потег со четката што го оставаат на платната носи трајно сведоштво за минатото и иднината на Газа.
Во израелските напади врз Газа, кои со поддршка од САД траат од октомври 2023 година, животот го загубија повеќе од 73 илјади Палестинци, главно жени и деца, повеќе од 174 илјади лица беа повредени, а околу 90 отсто од инфраструктурата во регионот е целосно уништена.