Husamedin Gina
16 Ноември 2020•Ажурирај: 17 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Владата на Северна Македонија денеска ги соопшти петте мерки за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, во износ од 7,5 милиони евра, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, на прес-конференцијата одржана преку видеоконференција информираше за директната финансиска поддршка за туристичко-угостителскиот сектор во вредност од 7,5 милиони евра.
Истакнувајќи дека како Влада од денеска почнуваат со реализација на 5 мерки, министерот Бектеши рече дека мерките се донесени во консултација со приватниот сектор и дека сметаат дека ова ќе биде многу значајно за компаниите кои поради пандемијата на Ковид-19 беа директно погодени.
Првата мерка, според министерот Бектеши, е враќање на уплатената такса за привремен престој за 2019 година на сите категоризирани угостителски објекти во Северна Македонија. За оваа мерка во буџетот се предвидени 120.000.000 денари.
„Втората мерка е за грантови за туристички агенции. Износот на средствата кој ќе биде доделен е во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и типот на лиценца за работа, а ќе изнесува најмногу до 180 илјади денари за Б-лиценца и најмногу до 430 илјади денари за А-лиценца“, нагласи министерот Бектеши.
Наведувајќи дека во мерките се предвидени грантови и за рестораните кои организираат свечености, свадби и настани, Бектеши рече дека износот на средствата ќе зависи од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и видот на решението за категоризација и ќе изнесува од 180 илјади до 600 илјади денари.
Исто така, како што рече министерот Бектеши, обезбедени се и грантови за игротеките, со вкупна финансиска поддршка од 153.000.000 денари.
Меѓу другото, Владата обезбеди и грантови за лиценцираните туристички водичи. Вкупната сума планирана за оваа дејност изнесува 9.800.000 денари.
Бектеши, истакнувајќи дека туристичките водичи се важна алатка во туристичката понуда, рече дека ќе им биде доделен грант во износ од 3 просечни плати, односно по 65 илјади денари.
Компаниите ќе можат да ги поднесат барањата преку апликацијата „Дома си е дома“ до 27 ноември, а средствата ќе бидат исплатени до крајот на годината.
Министерот, упатувајќи повик до сите туристички работници да аплицираат, истакна дека Министерството веднаш ќе ги обработи апликациите, со цел средствата да бидат исплатени навреме.
Министерството за економија, исто така, обезбеди и финансиска поддршка од 20 милиони денари за занаетчиите. Министерството ќе покрива 60 проценти од трошоците за набавка на алати и репроматеријали до 60 илјади денари.
Одговарајќи на прашањето за продажбата на Туристичкиот центар „Попова шапка“, министерот Бектеши рече дека до Владата на Косово понудиле заеднички настап за развојот на Попова Шапка и дека очекуваат одговор од косовската Влада.