Admir Fazlagic
16 Август 2018•Ажурирај: 17 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција информираше за реализацијата на дел од мерките за поддршка на мали и средни претпријатија, како дел од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2018 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерот Бектеши информираше дека над 120 компании досега од Министерството за економија добија поддршка за конкурентност, иновации и претприемништво за оваа година.
Како што рече Бектеши, овие мерки имаат за цел да ги поттикнат фирмите во нивниот развој и конкурентност, па ако во втората половина од минатата година, со ребалансот на буџетот, овие средства се зголемени за цели 180 %, со што претприемачите имаа на располагање солидна сума од 25 милиони денари, годинава таа поддршка е зголемена за дополнителни 60 %, односно се издвоени 38 милиони и 390 илјади денари, а програмата е збогатена со нови мерки, креирани на барање и во корист на претприемачите.
„Нашата цел беше што поголем број мали и средни претпријатија да добијат можност да ги исползуваат средствата и да имаат бенефит од мерките. А бидејќи тие се основни двигатели на една економија, среќен сум што придонесуваме во раздвижување на економската база“, рече Бектеши.
Тој додаде дека интересот за мерките беше огромен, како и дека принципот на доделување на средствата беше „прв дојден, прв услужен“.
„Од 13-те мерки за Поддршка на развојот на мали и средни претпријатија најатрактивна беше мерката финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, за која беа издвоени и најмногу средства, и тоа 20 милиони денари, а максималниот износ на субвенција по фирма беше 5 илјади евра“, истакна Бектеши.
Годинава 81 фирма добија средства, главно за набавка на опрема, алати или за проширување со цел проширување на производството или дејноста. Со мерката субвенционирање трошоци на занаетчии, за која беа издвоени вкупно 2,2 милиона денари, поддршка добија 19 субјекти, за женско претприемништво со обезбедените 2 милиона денари поддржани се 16 жени претприемачи, а за сертификација на системи за квалитет според ISO стандарди буџетот од 800.000 денари беше распределен помеѓу 12 фирми.
Министерот за економија на Македонија апелираше до компаниите да аплицираат и за тековните јавни повици, за преостанатите мерки со кои нашите мали и средни претпријатија ќе добијат помош во достигнување на што повисоко ниво на конкурентност и остварување на нивните предвидени деловни активности.