Husamedin Gina
07 Март 2019•Ажурирај: 08 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Транспортот, енергетската поврзаност, економските односи - беа темите за кои се разговараше на денешната прва седница на Меѓувладината комисија за економска и трговска соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија Македонија, со посебен акцент на железничката линија меѓу Софија и Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Веднаш по завршувањето на првта сесија, министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши и министерот за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Република Бугарија, Росен Жељазков, одржаа заедничка прес-конференција.
Жељазков, осврнувајќи се особено на железничкиот транспорт, истакна дека на дводневната седница на Меѓувладината комисија разговарале за конкретните чекори за зголемувањето на инвестициите, соработката во областа на енергетиката, телекомуникациите и туризмот.
„Во 2025-2026 година, меѓу Софија и Скопје треба да биде функционална железничката инфраструктура, која ќе овозможи возовите да се движат со брзина до 200 километри на час, со модерни средства за телекомуникации и сигнализации. Тоа ќе овозможи не само побрз превоз на стока и патници туку и реално реализирање на 10-годишниот проект за Коридорот 8“, истакна Росен Жељазков, додавајќи дека заеднички ќе се изгради 2-километарски тунел помеѓу двете држави.
Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, потсети дека заедничка мешовита комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија се одржува за првпат по 10 години.
„Во состав на нашите работни групи, во делот на трговијата, транспортот, енергетиката, животната средина, туризмот, нашите експерти денеска ни презентираа конкретни предлози, меморандуми и договори што ќе следуваат за потпишување понатаму, сѐ со цел да ја зголемиме соработката со нашиот сосед“, нагласи Бектеши, истакнувајќи дека предлозите ќе почнат да се реализираат во наредните месеци.
Седницата на Бугарско-македонската комисија за економска соработка се одвива само два месеца по најголемиот бизнис-форум меѓу двете земји, кој собра 100 бугарски и македонски фирми во Скопје.