Балкан

Северна Македонија усвои мерки за заштеда на електрична енергија

- Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, заедно со директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на прес-конференција информираа за сетот препораки и мерки за заштеда на електрична енергија

Abdula Berisha  | 16.08.2022 - Обновена : 17.08.2022
Северна Македонија усвои мерки за заштеда на електрична енергија Фото: Абдула Бериша / АА

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, заедно со директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на прес-конференција информираа за сетот препораки и мерки за заштеда на електрична енергија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Како што изјави министерот Бектеши, усвоените препораки и мерки имаат цел да се намали потрошувачката на електрична енергија првично кај државните и јавни институции, како и кај домаќинствата и компаниите, во пресрет на зимата.

„Како што и претходно напоменав и веќе алармиравме, прогнозите се дека ќе ја преживееме една од најтешките зими на енергетски план, не само нашата земја, туку сите земји во регионот и во Европа", изјави Бектеши.

Според министерот, за домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки до кои ќе треба да се придржуваат за штедење на електрична енергија, додека за институциите се предвидени конкретни задолженија.

„Целта која треба да се постигне е намалување на потрошувачката на енергија за 15 проценти споредено со истиот месец од претходната година. Доколку не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции за органот кој ја раководи институцијата, предвидени со посебна Одлука на Влада“, изјави Бектеши.

Согласно усвоените мерки, во периодот од 1 септември 2022 година до 31 март 2023 година, сите раководни лица на јавните институции на централно ниво треба да преземат соодветни мерки за да се намали потрошувачката на електрична и топлинска енергија.

Меѓу другото, тие треба да го исклучат декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици; во јавните објекти во сезона на ладење температурата на климатизерите да се намести не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени; да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата, итн.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, информираше дека потребите за електрична енергија за граѓаните и малите потрошувачи се задоволуваат исклучиво од домашно производство, односно не се увезува електрична енергија.

Тој исто така информираше дека во првите 7 месеци од оваа година е забележано зголемување од 15 проценти на произведената електрична енергија во споредба со истиот период лани.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.