економија

Извештај за Индексот на политики за мали и средни претпријатија за Западен Балкан и Турција

Во извештајот се нотирани позитивни чекори во креирањето политики за поддршка на малите и средните претпријатија...

Husamedin Gina  | 06.06.2019 - Обновена : 07.06.2019
Извештај за Индексот на политики за мали и средни претпријатија за Западен Балкан и Турција

СКОПЈЕ (АА) – Според последниот извештај за Индексот на политики за мали и средни претпријатија за Западен Балкан и Турција, Република Северна Македонија покажала развој и прогрес во имплементирањето на предлог-мерките од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), јавува Anadolu Agency (AA).

Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, по презентирањето на извештајот во изјавата за медиумите истакна дека во извештајот се нотирани позитивни чекори во креирањето политики за поддршка на малите и средните претпријатија. 

„Што се однесува до наодите, кажано е на конкретен начин, а и во извештајот што е изготвен, дека се направени големи позитивни придвижувања во последните две години, што се однесува до креирањето политики, но дека истовремено се започна и со имплементација на политиките за поддршка на малите и средните претпријатија во нашата држава“, нагласи министерот Бектеши. 

Во извештајот за Северна Македонија нотирани се и слаби страни, и тоа во делот на бизнис-климата, во процедурата за издавање лиценци во делот на стечај под димензијата „Следење и евалуација на стечајните постапки“. 

„Но секако има и наоди за коишто треба да работиме повеќе, а тоа е во делот на стечајот. Сакам да ја информирам јавноста дека моментално работиме на ново законско решение во соработка со Светската банка и дека во наредниот период ќе имаме нов закон за стечај“, нагласи Бектеши. 

Во извештајот, исто така стои дека има значајно постигнување во зголемувањето на финансиските ресурси во Фондот на иновации, за иновативните мали и средни претпријатија и во хармонизацијата на Законот за јавни набавки со ЕУ-легислативата. 

Проектот е финансиран од страна на Европската Унија, а имплементиран е од страна на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.