Husameddin Gina
04 Октомври 2018•Ажурирај: 05 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за економија на Република Македонија, Крешник Бектеши, учествува на еднодневниот бизнис форум на тема: „Doing Business with Finland“, каде што истакна дека има голема можност за зголемување на трговската и економската соработка со Република Финска, јавува Anadolu Agency (АА).
Тој нагласи дека на бизнис форумот, финските бизнисмени ќе ги запознае со сите инвестициски можности што ги нуди Македонија.

„Ќе ги запознаеме со нашите клучни сектори со кои финските бизнисмени можат да соработуваат и на тој начин, имајќи го предвид патот што оваа Влада го има преземено, а тоа е да се интегрира во ЕУ и НАТО, јас верувам дека во кратко време ќе ја зголемиме и соработката со Република Финска“, изјави министерот за економија Бектеши.
Антони Пешев, претседавач со Собранието на Стопанската комора на Македонија, нагласи дека бизнис форумот е една од можностите за директно запознавање со потенцијалите и можностите за соработка со Финска.
„Со Финска немаме отворени политички прашања. Размената помеѓу државите оди во нагорна, надолна линија, тоа значи дека нема стандардизирана соработка на повеќе основи, и се надеваме дека ќе воспоставиме директни комуникациони линкови кои ќе овозможат соработката да трае константно“, истакна Пешев.

Вкупната трговска размена помеѓу Македонија и Финска изнесува околу 12 милиона евра. Но, Македонија многу повеќе увезува отколку што извезува.
Перти Иконен, амбасадор на Финска за Македонија, Србија и Црна Гора, истакна дека моменталната соработка помеѓу Македонија и Финска не е на високо ниво.
На новинарското прашање кои се атрактивни македонски производи за финскиот пазар, амбасадорот Парти Никонен истакна: „Ние веќе увезуваме некои производи од Македонија, одредени материјали, текстил, исто така сме доста заинтересирани за индустријата која се занимава со пластика“.