Ekipa
04 Октомври 2018•Ажурирај: 05 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Земјите од Западен Балкан во 2018 година ќе имаат економски раст кој ќе се движи меѓу 2,5 и 4 отсто, се вели во последниот извештај на Светска банка, објавен денес, во кој се наведува дека и покрај 91.000 нови работни места создадени меѓу јули 2017 и јули 2018 година, оваа бројка е значително помала од 214.000 во истиот период претходната година, јавува Anadolu Agency (AA).
Што се однесува до економскиот раст за 2018 година, Светска банка предвидува дека ќе предводат Албанија и Косово со 4 отсто, Црна Гора со 3,8 отсто, Србија со 3,5 отсто, Босна и Херцеговина 3,2 отсто и Македонија со 2,5 отсто.
Преку видеопрезентација од седиштето на Светска банка, координаторката за земјите од Западен Балкан, Линда ван Гелдер, рече дека во целиот регион се забележува еден пораст поддржан од инвестиции и трошоци, и дека земјите кои ги зголемија приватните инвестиции, забележаа најголем пораст.
- Македонија со економски раст од 2,5 отсто -
Што се однесува до Македонија, во седиштето на Светска банка во Скопје се обрати директорот за Македонија и Косово, Марко Мантованели, кој нагласи дека земјата забележува економски раст од 2,5 отсто, бидејќи во 2017 година растот бил нула. Тој додаде дека растот се должи на приватните инвестиции и зголемувањето на потрошувачката.
Мантованели нагласи дека Македонија забележала најголем број вработувања во споредба со другите шест земји во регионот. Овој раст, како што рече, е придружуван со намалување на бројот на невработени, при што невработеноста во 2018 година се очекува да го достигне најнискиот рекорд, со 21,1 отсто.
Бојан Шимбов, економист во канцеларијата на Светската банка во Скопје, истакна дека економскиот раст во Македонија е проектиран во 1,5 отсто во 2018 година поради тоа што инвеститорите ја зголемиле нивната доверба кон нашата земја, при што очекуваат пораст на јавните инвестиции во втората половина во оваа година.
Што се однесува до намалувањето на бројот на невработените, Шимбов рече дека бројките се на најнискиот рекорд, од 21,1 отсто, кои до крајот на годината ќе се намалат до 20,4 отсто, и додаде дека ова повеќе се однесува на најниската стапка на оние кои не се активни на пазарот на трудот.
„Сè уште имаме повеќе од половината од работната сила е неактивна, што значи дека ниту бара работа, ниту е ангажирана на пазарот на труд“, нагласи тој.
Сања Маѓаревиќ Шујстер, висока економистка за Западен Балкан, изрази загриженост за квалитетот на образованието во Македонија, бидејќи, како што рече таа, со ова ниво младите тешко ќе се натпреваруваат со младите од другите земји, бидејќи околу 70 отсто на учениците немаат елементарни познавања во математика или јазични способности.
„Фокусот не треба да биде во учењето на фактите што денес многу лесно можат да се најдат, туку начинот на којшто критички размислувате за она што го читате, дали ќе можете да направите вистинска процена и да ја искористите информација за решавање на одреден проблем. Значи фокусот не е на фактите, туку на вештината како ги користите за справување со одреден проблем“, рече таа.
Светската банка предвидува дефицитот да достигне до 2,6 отсто од бруто-домашниот производ до крајот на годината, додека јавниот долг да биде 50 отсто од бруто-домашниот производ.
Што се однесува до внатрешните ризици, Светска банка вели дека перспективата за членството на земјата во НАТО и ЕУ ќе влијае во забрзувањето на структурните реформи, но од друга страна, нивното забавување поради политичките процеси, изборите за кои се дискутира, ја поткопуваат перспективата.