Bojana Stojanovic
04 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
БЕЛГРАД (АА) - Приоритет за целиот регион е членството во Европската Унија (ЕУ), а во интерес и на Србија е сите држави на ова подрачје да напредуваат на патот кон евроинтеграциите, да соработуваат, со цел постигнување на регионална стабилност, изјави денес претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во интерес на Србија по прашањето на регионалната стабилост е сите земји да напредуваат на патот кон ЕУ. Србија е за отворање на преговорите со Албанија и Македонија, што би било голем поттик за целиот регион, а Србија и Црна Гора со тоа би можеле да отворат и затворат повеќе поглавја, бидејќи ЕУ не сака да прави големи разлики меѓу земјите во регионот“, наведе Брнабиќ.
На отворањето на Самитот на ЕУ - Југоисточна Европа „Одржливото закрепнување на Балканот - Србија во водечка улога“ во Белград, Брнабиќ изјави дека е од особена важност за Владата на Србија темата на Самитот, бидејќи е во согласност со целите на Владата, односно со регионалната стабилност и членството во ЕУ.

„Членството во ЕУ е број еден приоритет за целиот регион. Целиот регион сака да стане дел од ЕУ, но разликата е во тоа што Србија не сака да биде дел од НАТО, иако има и сака да има добра соработка со НАТО“, изјави српската премиерка.
Како што објасни таа, најважна цел на Србија за членството во ЕУ е мирот и одржувањето на мирот во земјата, бидејќи ЕУ првенствено е мировен проект.
„Тој мировен проект, исто така, мора да се прошири и на Балканот“, изјави таа, истакнувајќи дека во ЕУ постојат и заеднички вредности кои и Србија сака да ги има, како што се владеењето на правото и ефикасна јавна администрација.
Брнабиќ го изнесе и мислењето дека Србија треба да работи, не само на отворање туку и на затворање на поглавјата, што е исто, ако не и поважно од самото отворање на поглавјата.
Според нејзините зборови, сите земји кои сакаат да станат членки на ЕУ имаат уште многу работа, и поради тоа не би требало да бидат загрижени поради изјавите за можноста да нема проширување на Унијата во наредниот период.
„Доколку ЕУ рече дека нема да прима нови членки во наредните 10 години, што би променило тоа? Мислам дека тоа не би променило ништо во Србија, која сака да продолжи со реформите поради своите граѓани“, истакна таа.
Одговарајќи на прашањето што би се случило кога ЕУ би кажала дека Србија утре може да стане дел од неа, Брнабиќ нагласи дека би кажала оти Србија уште не е подготвена, бидејќи сѐ уште не е доволно конкурентна со останатите членки.
„Зачленувањето во ЕУ, доколку земјата сѐ уште не е подготвена, е губитник-губитник ситуација... Во интерес на Србија е сепак да стане членка што побрзо, но да спроведува реформи што е можно побрзо, и се надевам дека ќе стане до 2025 година, но доколку тоа не биде случај, тоа не е крај на светот“, истакна таа.
Брнабиќ изјави дека секоја регионална нестабилност би влијаела на Србија, без оглед на сите политички ситуации и економската положба во земјата.
„Затоа Србија има најголем интерес да заговара регионална соработка и стабилност“, изјави таа.
Како што додаде, затоа за целиот регион е важно да биде стабилен, но и другите да го перципираат како таков.
Регионалната соработка би придонела и на растот на извозот на секоја земја, растот на БДП на сите земји, наведе таа, укажувајќи дека земјите во регионот едни на други се побитни пазари.
Брнабиќ ги напомена и регионалните спорови кои и денес постојат, како што е спорот за името меѓу Грција и Македонија, прашањето за Косово, споровите околу границата на Србија со Хрватска, како и со БиХ, изразувајќи надеж дека тие ќе бидат решени поради понатамошен просперитет на целиот регион.
Ова е седми Самит кој го организира весникот „Економист“ (The Economist), а Белград е првпат домаќин на ваквиот собир, кој се одржува денес и утре.