Bojana Stojanovic
14 Октомври 2016•Ажурирај: 15 Октомври 2016
НИШ (AA) - Вкупната стокова размена на Србија и Албанија во 2015 година изнесуваше 109,8 милиони евра, извозот во Албанија беше 91,8 милиони, а увозот од Албанија 18 милиони евра, кажано е денес на отворањето на Бизнис форумот Србија – Албанија во Ниш, јавува Anadolu Agency (AA).
За осум месеци од 2016 година, размената достигна 77,8 милиони евра – српскиот извоз во Албанија изнесуваше 60,5 милиони, а увозот 17,3 милиони евра.
На форумот на кој учествуваат 300 стопанственици, а го отворија премиерите на Србија и на Албанија, Александар Вучиќ и Еди Рама, Вучиќ рече дека е изградена доверба меѓу двата народа, а дека сега се на ред јакнењето на стопанската соработка и зголемувањето на трговската размена меѓу Србија и Албанија.
Тој им порача на албанските стопанственици дека се добродојдени во Србија и дека вратите на Србија и српскиот пазар им се широко отворени.

Според него, Србите и Албанците се два најголеми народа на Балканот кои не треба да дозволат другите да им ги уредуваат односите и иднината.
„Многу е важно да се однесуваме рационално. Без оглед на политичките разлики, изградивме доверба, бидејќи верувам дека сакаме пријателство“, рече Вучиќ.
Тој наведе и дека Драч ќе биде најблиското пристаниште на Србија по изградбата на автопатот Ниш – Приштина – Тирана – Драч.
„По изградбата на тој пат, од Белград до Драч ќе се патува четири и пол часа“, рече Вучиќ
Вучиќ им се заблагодари на стопанствениците на Србија и Албанија што во голем број дојдоа на форумот и додаде дека тој и премиерот на Албанија, Еди Рама, се горди што салата во која се одржува форумот е полна.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека во Албанија работат околу 100 српски стопански субјекти, во позитивна атмосфера.
„Ве уверувам, доколку ги прашаме, сигурно ќе кажат само добри зборови и дека работат во позитивна атмосфера, како и дека немаат проблем што се од Србија“, рече Рама.

Тој оцени дека вложениот капитал е многу под потенцијалот и додаде дека е само 8,8 отсто од вкупните странски инвестиции во Албанија.
Директорката на Светската банка за Југоисточна Европа, Елен Голдстин оцени дека посилната трговска размена и интеграциите треба да бидат двигател на развојот на земјите на Западен Балкан.
„Малите земји на Балканот мораат повеќе да тргуваат со стоки и услуги, бидејќи тоа е важно за социјалната безбедност во овие земји“, рече Голдстин.
Таа наведе дека и трговската размена во Југоисточна Европа е далеку под потенцијалот и дека поради тоа денес започнале подготовки за нов проект што треба да ја олесни трговската размена на земјите од ЈИЕ.
На форумот е потпишан Меморандум за основање на Српско-албанската трговска комора, со седиште во Тирана, која ќе им дава логистичка поддршка на стопанствениците на двете земји.
На форумот којшто се одржува во Ниш учествуваат компании од секторот на прехранбената индустрија, трговијата, електро и машинската индустрија, градежништвото, хемиската, металопреработувачката и дрвната индустрија, како и од областа на туризмот и хотелиерството, телекомуникациите и други.
Форумот го организира Стопанската комора на Србија и бизнис асоцијацијата „Бизнис Албанија“.
Инаку, поради престојот на двајцата премиери во Ниш, зголемени се безбедносните мерки, а сообраќајот во некои делови од градот е запрен од 7.30 часот.
Со денешниот ден, премиерот Еди Рама ја завршува посетата на Србија, додека функционерите на Владата на Србија во Ниш ќе престојуваат до 19. октомври.