Admir Fazlagic
13 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси, во Скопје се одржува 8. Меѓународна конференција за човечки ресурси и ХР ЕКСПО, на тема „Ангажираноста на вработените и идните надлежности за економска благосостојба“, а во рамките на конференцијата учесниците разговараат за различните аспекти во управувањето со човечките ресурси, јавува Anadolu Agency (AA).
Христина Лозаноска, претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси, говорејќи во врска со конференцијата, рече дека во фокусот на разговорите ќе биде ангажираноста на вработените, односно како да се постигне повисока ангажираност на вработените, што всушност е цел и задача на одделите за управување со човечки ресурси кои постојат во компаниите. Меѓу другото, Лозаноска истакна дека како кај компаниите, така и кај вработените и кај оние што бараат работа, постои сѐ поголем интерес за професијата човечки ресурси.
„Во принцип, имаме сознанија дека оваа професија сѐ повеќе е застапена во компанииите. Сѐ повеќе професионалци се заинтересирани да ја развиваат својата кариера, да слушнат за новите трендови од компании од регионот и од професори на катедрите каде што се изучува оваа област. Има сѐ поголема застапеност“, рече Лозановска истакнувајќи дека Македонската асоцијација за човечки ресурси се залага за промовирање на оваа професија и за подигнување на свеста кај јавноста за важноста од постоењето на квалитетно управување со човечките ресурси.
„Оваа конференција е од исклучителна важност, се одржува секоја година и сѐ посилно влијание има на пазарот“, рече Крис Лиасидис, професор од Универзитетот „Шефилд-Сити колеџ“ од Грција, кој е еден од учесниците на конферецијата.
„Разговорите што ги слушаме се навистина инспиративни. Се зборува за новите трендови во човечките ресурси. Она што е важно е дека луѓето се оние што ги формираат компанииите. Тие се исклучително важни за нивниот раст и развој, а како посебни трендови се разновидноста, желбата и виртуелните игри, односно како работата да се направи интересна“, рече Лиасидис, објаснувајќи за актуелните трендови во управувањето на човечките ресурси во глобални рамки.
Тој смета дека глобализацијата е во корист на вработените. „Колку повеќе знаат за светот, вработените имаат повеќе избор да излезат надвор од компаниите и надвор од границите од државата, а со мобилизацијата што ја нуди општата глобализација, на луѓето им се овозможува да стекнат повеќе искуство“, рече Лиасидис.
Лукас Ван Вист, потпретседател на Европската асоцијација со човечки ресурси, истакна дека улогата на човечките ресурси е искучително важна за работата и за резултатите на компаниите.
„Улогата на човечките ресурси е исклучително важна, оние компании што успеваат да ги спојат вистинските луѓе со вистинската работа, имаат одлична можност да се развиваат и да добиваат на конкурентност во овој преконкурентен свет“, истакна Ван Вист, потенцирајќи дека мултинационалните компании што успеваат да ги усогласат принципите на координација и конфигурација на човечките ресурси, имаат голема можност да успеат на пазарите.
Организаторите информираа дека на овогодишната конференција учествуваат истакнати говорници од странство – Англија, Словенија, Хрватска, Косово, Грција, Холандија, Франција и од други земји за оплеменето искуство и споделување искуства и практики на професионалци од областа на човечките ресурси, кои присутните ќе можат да ги применат во областа и во организацијата во којашто работат.