Gökhan Ergöçün
16 Април 2020•Ажурирај: 17 Април 2020
ИСТАНБУЛ
Турција им забрани на работодавците да ги отпуштаат работниците за време на пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката за семејство, труд и социјални работи, Зехра Зумрут Селџук, изјави дека договорите за вработување не можат да бидат поништени за период од три месеци, освен во неконтролирани ситуации.
Таа на социјалната мрежа Твитер напиша дека Турција на работниците кои се принудени на неплатено отсуство поради епидемијата на Ковид-19, ќе им плаќа по 39,24 лири (околу 5,70 евра) на ден во период од три месеци.
Таа исто така изјави дека Министерството ќе ги поднесе трошоците за постарите лица и за лицата со попреченост во приватните домови за нега и во центрите за нега.
Утринава од страна на турскиот Парламент беа одобрени неколку нови чекори за ублажување на влијанието на пандемијата врз економскиот и социјалниот живот.
Мерките за поддршка се применуваат и за лицата кои ги загубија своите работни места по 15 март.
Турција веќе плаќа 60 отсто од платите на персоналот на фирмите кои беа принудени да се затворат како последица на пандемијата на Ковид-19.
Досега во Турција се потврдени 69.392 случаи на заразување. Бројот на смртни случаи изнесува 1.518, додека 5.674 се излекувале.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот на вирусот кон Европа и САД.
Во светот се регистрирани над 2 милиони потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е поголем од 137.000. Речиси 512.000 пациенти се излекувани.