Selma Kasap
16 Април 2020•Ажурирај: 17 Април 2020
АНКАРА
Министерството за образование на Турција соопшти дека во рамките на преземените мерки за заштита од коронавирусот и спроведените истражувања, во Хатај е изработен првиот респираторен апарат во Стручното училиште „Серкан Талан“ и во Средното техничко училиште „Анадолија“, во работилниците за истражување и развој на технологии на биомедицински уреди.
Министерството за образование на Турција започна да ги активира капацитетите за производство во средните стручни и технички училишта „Анадолија“, и во тие рамки премина кон производство на голем број производи, од средства за чистење и дезинфекција, производство на маски, мантили за еднократна употреба, до комбинезони и штитници за лице.
Фокусот на истражувањето и развивањето на производите беше ставен на машините за производство на маски и респираторни апарати. Во тие рамки, во Истанбул беше произведена машина за производство на ултрасонични маски. Благодарение на новите машини, зголемени се месечните капацитети во производството на маски, кое сега достигна 10 милиони парчиња.
Во производниот оддел за истражување и развој на технологии на биомедицински уреди на Стручното училиште „Серкан Талан“ и Средното техничко училиште „Анадолија“ произведен е респираторен уред. Респираторниот уред е изработен во согласност со правилата за здравје и безбедност при работа и произведен е во согласност со регулативата на Министерството за здравство за медицински уреди. Откако респираторниот уред ќе биде регистриран, ќе започне негово сериско производство.
Заменик-министерот за здравство, Махмут Озер, им се заблагодари на сите што дале свој придонес во развојот и производството на респираторниот уред, како и на наставникот Нурулах Сари кој со голема пожртвуваност и вложен напор, заедно со неговата екипа, го реализираше проектот.
Заменик-министерот Озер ја истакна својата благодарност и до Дирекцијата за стручно и техничко образование, велејќи: „Наставниците и учениците од сите стручни и технички училишта, кои координирани и поддржани од нашите раководители самопожртвувано работат во целата земја, се доказ дека стручното образование е пријател во тешките денови.“