Husameddin Gina
08 Ноември 2018•Ажурирај: 09 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Возилата при регистрација ќе добиваат еколошки налепници во разни бои, зелена, жолта и црвена, во зависност од условите што ги исполнува возилото, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, кој ги претстави новитетите од Предлогот за изменување и дополнување на Законот за возила, јавува Anadolu Agency (AA).
Бектеши наведе дека во новиот Предлог за изменување и дополнување на Законот за возила, се предвидени субвенции за граѓаните што ќе купат електрични или хибридни возила.
„Истовремено ние предвидовме и програма која треба да ја донесе Министерството за економија, што се однесува до субвенционирање или поддршка на сите граѓани или правни лица што ќе набават нови автомобили, електрични или хибридни, но истовремено и за сите што ќе одлучат во нивните автомобили да постават плин или метан, а исто така и за оние што ќе отстапат од старите возила и ќе купат нови возила“, истакна министерот за економија, Бектеши.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, нагласи дека во градовите во Македонија расте бројот на нелегални таксисти, на сметка на оние што се легални и ги плаќаат сите давачки на државата. Затоа во новиот Предлог за изменување и дополнување на Законот за возила се предвидени измени.
„Најважната суштинска промена е воведувањето на таканаречени жолти таблички за таксистите. Тоа значи дека секој таксист којшто ги исполнува условите, којшто е лиценциран, ќе добие жолта табличка и ќе се разликува од сите други возила во сообраќајот. Тоа ќе значи дека кој било див таксист којшто сака да врши автотакси-превоз ќе биде оневозможен, бидејќи многу лесно ќе биде препознатлив“, изјави Спасовски.
Спасовски, исто така, нагласи дека многу значајно за граѓаните е тоа што се укинува налепницата за регистрирано возило, којашто досега беше обврска. Налепницата чинеше 1 евро за секое регистрирано возило.
Да потсетиме дека потребата од воведување еколошки налепници ја истакнаа и градските власти, кои предложија возилата при регистрација да добиваат еколошки налепници во разни бои за да можат полесно да бидат исклучувани од сообраќајот кога е загадено.
За овој закон се очекува да има и плодна дебата во Собранието на Република Македонија.